На денешен ден, 5 август 1962 година, Охридското Езеро беше домаќин на првото Светско првенство во маратонско пливање на слатки води – историски настан кој го врежа Охрид на мапата на светскиот спорт.
Пливачите се натпреваруваа на тешката и долга патека од 34 километри – од Пештани, преку Струга, до Охрид. Прва на целта кај хотелот „Палас“ пристигна охриѓанката Атина Бојаџи, која стана национална хероина и прва победничка во женска конкуренција на ова значајно натпреварување.
Настанот прерасна во една од најважните спортски манифестации во Македонија и регионот. Меѓу присутните тогаш беше и шеикот Ел Габар ел Сабах од Кувајт, кој првпат слушнал за охридскиот маратон на трката во Капри во 1960 година, кога Дики Бојаџи извојува победа. Шеикот беше импресиониран, па следните четири години редовно доаѓаше во Охрид со бројна придружба и доделуваше награди – по 1.000 фунти за првите тројца натпреварувачи, што тогаш претставуваше значителна поддршка за манифестацијата.
Во професионалната категорија, златото го освои Абдел Абу Хеиф од Обединетата Арапска Република, а кај аматерите прв беше неговиот сонародник Небил Шазди. Освен Атина Бојаџи, која победи во женска конкуренција, значаен успех забележаа и македонските пливачи: Дики Бојаџи заврши трет меѓу професионалците, а Климе Савин се пласираше четврти кај аматерите.
Од 1992 година, првенството го доби официјалното име Охридски пливачки маратон и стана дел од Светскиот маратонски куп – задржувајќи го статусот на престижен спортски настан кој го слави пливањето, природната убавина на Охрид и историското спортско наследство на Македонија.