Oд 15 до 21 ноември во МКЦ се одржува 49-то издание на Млад Отворен Театар – МОТ, годинава со театарски настани, претстави, работилници кои се реализираат со огромна поддршка на МОТ – овската мрежа која со страст е создавана изминативе децении. Фестивалот се отвори со минатогодишните победници, независната продукција, театарот „Златен Елец“ и претставата „Хинкеман“ по текст на Ернест Толер, во режија Тамара Стојаноска. Антивоената тема која се провлекува во нивната претстава го најавува и мотивот на годинешниот МОТ.
-Во време кога светот се соочува со две војни, програмата на овој МОТ го изнесува својот активистички став со кој во фокус ги става темите кои го запалија светот, а во нашето општествено политичко секојдневие не добиваат соодветно значење. Oва е 49 то издание и следната година веќе го имаме јубилејното 50 то издание. Деновиве се смееме дека е постар и од сите нас и од нашата држава и имаме сериозна одговорност спрема луѓето кои што го правеле сите тие години пред нас и успеале да го издржат фестивалот во сите можни времиња и невремиња кои се случувале. Имало и болести, војни, кризи економски, но МОТ секогаш опстојувал. Така да и оваа година се обидуваме да ја зачуваме традицијата и вакви убави нешта кои ги има оваа држава и да полека го пренесеме фестивалот во следната 50 та година. Нашата желба, концепт и размислување е дека МОТ мора да се случува преку целата година, а да ова биде само некаков сублимат, финале на тој фестивалски блок на функционирање бидејќи само така сметаме дека можеме да градиме нова публика и да го промовираме современиот театар и да се обидеме повтроно да го држиме театарот во позиција на медиуми кој што може да прави промени – вели Русе Арсов.
Овогодинешната селекција, вели тој беше тешко да се направи, пред се заради неколку предизвици кои се пред се логистичко-финансиско-организациски.
-Ни беше многу важно да направиме програма според она „колку ни е долга“ чергата, но и да тоа биде достојна програма во однос на претходните изданија на фестивалот и она што мислиме дека треба да биде фестивалот. За жал фестивалот има буџет каков што има. Оваа година цените на сите услуги отидоа многу горе, буџетите се намалуваат така да мислам дека имаме сериозна обврска да видиме што правиме понатаму пред тој пресек и 50 -то јубилејно издание на фестивалот, а од друга страна мораме да се обидеме сите заедно, а посебно луѓето кои се занимаваме со оваа работа и со театар да вршиме притисок и да брзо се изврши интервенција во салите кои се потребни за реализација на било каква драмска програма, посебно за меѓународен фестивал затоа што многу заостануваме технички и просторно и логистички во однос на останатите европски театри и многу често она што ние како програмери и селетори сакаме да го донесеме, не можеме да го донесеме затоа што немаме каде да го прикажеме. Немаме такви сали, ги немаме тие техники и технологии- вели Русе.
Сепак и покрај предзивиците, годинава МОТ понуди фестивалско издание со одлична програма. Дел од фестивалот беа „Скринејџери, втор дел“, рефлексивен мјузикл од Франција кој се обидува да одговори на прашањето каква трага остава дигиталниот хаос на нашата психа и фантазија, за да сме способни да го впиеме сето тоа „скролајќи“ надолу. На МОТ гостува и најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште „Ана Каренина“, во режија на Дејан Пројковски, која беше прогласувана за апсолутен победник на неколку регионални фестивали. Присуството на Креативниот центар Крушче на Томи Јанежич, со делото „Куќа, дом“ на Катја Легин дава можност за доживување на театарот во автентичен простор за темата, овој пат куќа/дом на непозната локација во Скопје, за која публиката која има билет ќе добие адреса дополнително. Театарот Промена, од Србија доаѓа со монодрамата „Мајорот и Хелена“, која е авторски проект на Алекса Јовиќ и ја обработува приказната на транс-родовата жена и нејзината храброст во конзервативното општество. „Сé што е важно“ е интерактивна претстава на театарот Арисандмарта од Грција, кој ќе ги донесе белешките за изведување на пријателство, низ сценски движења на кои публиката ќе биде сведок.
– Се обидовме да направиме една фина убава програма која што ќе ни овозможи да стигнеме некако до 50 ка, вели Русе за ТРН.