Во вторник, на 14 октомври 2025, 20 часот во Музеј на македонската борба ќе се одржи концерт на Концерт на пијано триото АСТНИДЕ од Германија. На репертоарот се дела на Благој Цанев: ФОЛКЛОРНИ НАПЕВИ за виолина, виолончело и пијано, Јоханес Брамс: КЛАВИРСКО ТРИО бр.1, оп.8, Дамјан Темков 25.713, а ќе настапат Петар Манчев – виолина, Феликс Цимерман – виолончело и Марико Судо – пијано
Петар Манчев започнува со изучување на виолина на шестгодишна возраст во својот роден град, Скопје. Како ученик се истакнува на повеќе национални музички натпревари и настапува како солист со Македонската филхармонија.
Во периодот 2000–2002 студира кај професорот Ангел Станков на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, а потоа го продолжува своето образование на Универзитетот за уметности „Фолкванг“ во Есен, Германија, каде што дипломира во 2008 година и го завршува концертниот испит (Konzertexamen) во 2015 година.
Првите оркестарски искуства ги стекнува во Младинската камерна опера во Келн, Камерниот оркестар „Фолкванг“ во Есен и Класичната филхармонија во Бон. Во соработката со Стефан Шард и Вернер Ерхард се запознава со историски информираната изведувачка пракса – пристап заснован на изведбена автентичност и музиколошки увиди во стилот и звучноста на минатите епохи. Овој интерес подоцна станува централен аспект на неговата уметничка и истражувачка ориентација, а го продлабочува преку дополнителни насоки од Мајуми Хирасаки, Антон Штек, Мери Утигер и Рајнхард Гебел.
Како виолинист, Манчев редовно соработува со истакнати ансамбли и оркестри, меѓу кои L’arte del mondo, Камерниот оркестар „Фолкванг“ во Есен, Das Neue Orchester и Concerto Köln. Настапува на бројни фестивали и дискографски проекти, а има соработувано со реномирани уметници како Даниел Хоуп, Даниел Милер-Шот, Тревор Пинок, Рајнхард Гебел, Кент Нагано и Доротеe Оберлингер. Од 2013 година е предавач по виолина и камерна музика во музичкото училиште „Фолкванг“ во Есен.
Феликс Цимерман го стекнува своето музичко образование на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“ во Берлин кај Стефан Гиглбергер, а потоа на Универзитетот за уметности „Фолкванг“ во Есен, во класата на проф. Јунг-Чанг Чо. Влијанијата од Рајнхард Гебел и Стефан Шардт имаат значајна улога во неговото формирање, насочувајќи го кон автентичната изведувачка пракса и кон студиите по барокно виолончело кај Маркус Моленбек. Во истиот период следи часови и кај Мајуми Хирасаки, Кристијан Ригер и Михаел Шмит-Касдорф.
Уште за време на студиите настапува со Хамбуршките филхармоничари, Есенската филхармонија и Фестивалскиот оркестар на Шлезвиг-Холштајн, стекнувајќи богато оркестарско искуство. Денес неговата уметничка активност опфаќа бројни концертни настапи, студиски и радиофонски снимки, како солист и ансамблов музичар. Како изведувач посветен на историски информираната интерпретација, соработува со ансамбли како Gaechinger Cantorey, Capella Augustina, L’arte del mondo, Neue Hofkapelle Osnabrück, Das Neue Orchester и Kölner Akademie, а редовно настапува и со симфониски оркестри, меѓу кои Дортмундските филхармоничари и Новата филхармонија Вестфален.
Германско-јапонската пијанистка Марико Судо е истакната камерна музичарка и дуо-партнерка со меѓународна репутација. Паралелно со концертната дејност, активно се посветува и на организација на културни и уметнички настани, реализирајќи авторски проекти и концертни серии како Kunsthaus Salon Essen и Piano Late Night.
Добитничка е на повеќе престижни награди и стипендии, меѓу кои наградата Mendelssohn-Bartholdy на Пруската културна фондација, признанија од здружението Freunde Junger Musiker e.V., стипендијата на DAAD и наградата на Фондацијата Richard Wagner во Бајројт. Во 2010 година настапува во Carnegie Hall во Њујорк.
Судо има настапувано на бројни меѓународни фестивали, како Ruhrtriennale, Klavierfestival Ruhr, Langenberg Festival, Sarasota Music Festival и Musikfest der Pädagogischen Hochschule Beijing.
Своето образование го продлабочува кај легендарниот пијанист и педагог Менахем Преслер на Универзитетот во Индијана, Блумингтон, по претходни студии кај Арнулф фон Арним и камерна музика кај Дирк Момертц и Андреас Рајнер на Универзитетот „Фолкванг“. Важни уметнички влијанија добива и од Витали Маргулис, Пол Бадура-Скода, Бернд Глемзер, Јура Маргулис и особено од Роберт Левин.
Денес живее и работи во Есен, каде што делува како независна пијанистка, педагог и културен организатор.
Влезот на концертот е слободен.