Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, најстар фестивал во светот посветен на креативноста на кинематографите, го најави своето 47. издание што ќе се одржи во Битола од 19 до 25 септември 2026 година.
Од основањето во 1979 година, ИФФК „Браќа Манаки“ се одржува секоја година во Битола и е посветен на уметноста на филмската камера и мајсторството на кинематограферите од целиот свет.
Во текот на седумдневниот маратон, посетителите ќе имаат можност да гледаат селекција на играни, документарни, кратки и студентски филмови кои се дел од официјалната и конкурентска програма на фестивалот.
Фестивалот традиционално вклучува повеќе од пет натпреварувачки програми и е познат по доделувањето на престижните награди „Камера 300“, меѓу кои се Златна камера 300, Сребрена камера 300, Бронзена камера 300, Железна камера 300, Мала камера 300 и Кристална камера 300. Покрај нив, се доделуваат и почесни признанија како Златна камера 300 за животно дело, Специјална Златна камера 300 за извонреден придонес во светската кинематографија и Голема ѕвезда на македонскиот филм што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.
Организаторите порачуваат дека ова издание ќе донесе исклучителни филмски остварувања и можности за размена на искуства со реномирани светски кинематографери и професионалци од областа на седмата уметност.
Подготовките за фестивалот се во тек, а официјалната програма и конкуренцијата ќе бидат објавени блиску до датумот на одржување, со цел да се информираат учесниците и публиката за сите планирани проекции и дискусии.
