46 годишен Американец е првиот човек со пресадено око

Хирурзи од Њујорк информираа дека ја спровеле првата целосна трансплантација на око во светот, иако се` уште не е сигурно дали на човекот ќе му биде вратен видот.

Операцијата била извршена врз американскиот воен ветеран Арон Џејмс, кој претрпел повреди на половина од неговото лице по преживеан висок струен удар во 2021 година. Операцијата во која покрај окото му било трансплантирано и дел од лицето траела 21 час и во неа учествувал тим од повеќе од 140 медицински лица.

Хирурзите со години успешно трансплантираат рожници, но ова е првпат медицината да се обиде да трансплантира цело око.

Хирурзите од њујоршката болница „Лангоне“, кои ја изведоа оваа сложена операција, велат дека 46-годишниот Џејмс добро се опоравува по долгата операција и дека донираното око изгледа извонредно здраво.

„Самиот факт дека успеавме да ја направиме првата успешна трансплантација на цело око е неверојатен потфат кој многумина мислеа дека не е возможен. Направивме еден огромен чекор напред и го поплочуваме патот до следното поглавје во обидите да се врати видот“, вели д-р Едуард Родригез, еден од водечките хирурзи во тимот кој ја спровел операцијата.

Докторите велат дека операцијата на Џејмс на научниците за првпат ќе им овозможи прозорец за тоа како човечкото око се обидува да заздрави.

„Не тврдиме дека ќе го вратиме видот. Но, нема сомнеж, според мене, дека сме еден чекор поблиску до тоа“, додава Родригез.

Лекарите велат дека има директен проток на крв до ретината, делот од окото кој испраќа слики до мозокот. Иако не можат со сигурност да кажат дека Џејмс ќе прогледа на новото око, тие истовремено не ја отфрлаат оваа можност.

„Доколку прогледам, тоа ќе биде супер. Но, ако започне нов правец во медицинската сфера, тогаш сум целосно за тоа“, рекол Џејмс во интервју.

Џејмс во следниот период ќе биде под надзор на лекарите, но напредокот кој досега го виделе од окото е „извонреден“ вели Брус Е. Гелб, хирург за трансплантации од Универзитетот на Њујорк.

Извор: bbc.com

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни