44 години од премиерата на „Апокалипса денес“ филм со најневеројатните приказни од снимањето

Филмот „Апокалипса денес“ беше објавен пред 44 години, магнум опусот на Френсис Форд Копола многумина го сметаат за најдобар филм за војната во Виетнам. Продукцијата на филмот е една од најневеројатните приказни во историјата на Холивуд.

Џон Милиус го напиша оригиналното сценарио за „Апокалипса денес“ во 1969 година. Тој бил делумно инспириран да пишува за Виетнам од неговата фрустрација што никогаш не се борел во војна. Тој волонтирал за Маринскиот корпус, но бил одбиен бидејќи имал астма. Наместо тоа, Милиус отишол во филмското училиште во УСЦ каде го запознал Џорџ Лукас.

Раните нацрти на сценариото, кое имало повеќе од 1000 страници во еден момент, било наречено „Психоделичниот војник“. Милиус подоцна го смени насловот во „Апокалипса денес“, игра на зборови со пораките кои хипиците ги носеле во тоа време, на кои пишувало „Нирвана денес“.

Џорџ Лукас првично требаше да биде режисер, а филмот да биде продуциран од неговата и продуцентската куќа на Копола, American Zoetrope. Лукас го замислил како лажен документарец и сакал да го сними на 16 мм, користејќи ги вистинските снимки од американските војници во Виетнам, додека војната сè уште траела.

Сепак продукцијата не била подготвена, а Лукас решил да го следи своето срце и да ги режира „Војна на ѕвездите“. Тој го дал својот благослов Копола да скокне на режисерското столче и да го сними „Апокалипса денес“.

Копола за тоа што Лукас не го режираше филмот рече дека е штета и дека тој бил човек кој сака да експериментира и се изгубил во големата продукција на „Војна на ѕвездите“.

Копола сам го финансирал филмот, а хеликоптери добил од филипнската влада

Сепак, работите не биле совршени за снимање на „Апокалипса денес“. Ниту едно студио не сакало да го финансира филмот поради целиот амбиент околу војната во Виетнам, поради што Копола одлучил  сам да го финансира целиот првичен буџет од 13 милиони долари.

Копола се сретнал со претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, кој се согласил да му позајми армиски хеликоптери за филмот. Снимањето започна на Филипините во пролетта 1976 година, локацијата беше избрана поради нејзиниот сличен терен со Виетнам.

Пред да замине за Филипините, пријателот и ментор на Копола, Роџер Корман, му дал неколку совет да не оди и да го снима филмот. Сепак, тој отишол и снимањето кое било планирано да трае шест недели, на крајот траело 16 месеци. Помеѓу проблемите кои се случиле на сетот на филмот се издвојуваат тоа што добар дел од екипата се заразила со маларија, тајфунот Олга го уништил сетот, а Копола имал и епилептичен напад.

Буџетот значително се зголемил, принудувајќи го Копола да оди во United Artists за дополнителни 18 милиони долари. Тие платиле, но инсистираа Копола да ја стави својата куќа и неговата винарија во долината Напа како гаранција со камата од 7%, што се зголеми на 29% до моментот на прикажувањето на филмот.

Мартин Шин и неговиот брат Џо Естевез ја играат улогата на Вилард

Мартин Шин не беше првичниот избор на Копола да го игра Вилард. Ал Пачино одбил, велејќи дека не сака да поминува месеци во мочуриште. Стив Меквин ја одбил улогата затоа што не сакал да снима во џунгла. Други имиња кои се разгледувале беа Џејмс Кан и Џек Николсон. Копола на крајот го избра Харви Кајтел за улогата на Вилард, кој помина една недела на снимање пред да биде отпуштен бидејќи неговата изведба не била доволно интроспективна. Потоа се вклучи Шин, иако Ник Нолте милел дека улогата е негова кога Кајтел беше отпуштен.

Шин бил во лоша форма на снимањето на „Апокалипса денес“. Алкохолот и дрогата го испратиле на работ и тој инсистирал да биде пијан во сцената во хотелската соба на почетокот. Чувствувал дека ако снимаат камерите, ќе може да се соочи со своите демони и да се опорави. Сцената е снимена на 36-тиот роденден на Шин. За жал, ја исекол раката кога го удрил огледалото. Тоа било вистинско стакло, а не реквизитско огледало и тоа е она што го гледаме во филмот. Тоа е вистинска крв.

Легендата вели дека Шин полудел и се обидел да го нападне Копола по оваа сцена. Сепак, дел од тимот се сеќава поинаку на целата ситуација. Тие тврдат дека Копола го навредувал Шин, искористувајќи ги неговите ранливости велејќи му „ти си злобен. Сакам да излезе сето зло од тебе“.

Кога тајфунот го уништи филмскиот сет, Шин имал малку време за опоравување дома во Америка. Тој не сакал да се врати и на пријател  му рекол „Не знам дали ќе го преживеам ова. Тие се луди“.

Кога Шин се вратил на Филипините, комбинацијата од алкохол, дрога и маларија влијаела на неговата и онака кревка состојба и доживеал срцев удар. Тој во тоа време бил сам и морал да ползи половина милја каде што бил превезен од  локален автобус.

За време на неговото опоравување, братот на Шин, Џо Естевез, го замени во филмот. Копола дури во постпродукцијата одлучил дека му треба Шин за да го сними неговиот глас. Тој не бил достапен, па Копола го довел Џо да го сними гласот.

Вистински тигри, скапи прелети со хеликоптери, но и мртви тела на сетот

Сцената со летот на хеликоптерите според Роџер Еберт не испраќа порака дека војната е покол, туку дека војната е лудост. За монтажа на оваа сцена им требало околу една година, а за снимката им требале 40 километри филм, што е околу 10 отсто од тоа што потрошиле за целиот филм.

Лоренс Фишбурн го игра Тајрон „Господин Чист“ Милер во филмот; за време на снимањето, тој имал само 14 години. Лажел за својата возраст велејќи дека има 16 години, бидејќи не можел легално да ја преземе улогата. До моментот кога филмот беше објавен, тој всушност имаше 17 години.

Вистински тигар беше искористен за сцената во џунглата со Шеф и Вилард. Го натерале тигарот да трча и да ги нападне затоа што на земја имале свиња врзана за јаже. Ја повлекле свињата по земја за тигарот да се затрча за да ја изде, бидејќи го држеле гладен цела недела.

Еден од најлудите моменти од продукцијата на филмот е тоа што се обидувале да креираат автентичност до ниво на забеганост. Сопругата на Мартин Шин била загрижена за работните услови. На снимањето имало мртви стаорци кои дизајнерот на продукција Дин Таволарис ги користел за автентичност. Но, работите се влошиле кога копродуцентот Греј Фредериксон открил нешто пошокантно. Имено, Таволарис го однел Фредериксон во складиште каде што имало редици мртви тела. Фредериксон бил разбирливо вознемирен велејќи „вие сте луди, од каде се сите овие тела, мораме веднаш да се ослободиме од нив“.

Таволарис тврдел дека телата на филмот ќе му ја дадат автентичноста што му е потребна „можеме да ги оставиме да висат на дрвјата, наопаку“. Таволарис ги добил од некој кој доставувал мртви тела на медицинските факултети, но на крајот се покажало дека е ограбувач на гробови. Подоцна полицијата се појавила на снимањето и им ги зела пасошите на сите, мислејќи дека ги убиле овие луѓе бидејќи телата биле неидентификувани. На крајот полицијата ја дознала вистината и ограбувачот на гробници отишол во затвор.

Филмот нема титлови на почетокот или на крајот. Графити со слоганот „Нашето мото: Апокалипса денес“ се појавува зад Хопер кога Вилард и екипажот пристигнуваат во храмот. Законски ова мораше да се стави, бидејќи  авторските права на филмот не можеше да биде заштитени, ако насловот не беше прикажан во одреден момент.

Инсистирањето на извонредност го креираше индустрискиот стандард 5.1 сараунд

Звукот за филмот го уредувал Волтер Мурч, а Копола сакал звукот да ја следи неговата визија и да биде подеднакво извонреден. Во тоа време, кино звукот имал само три канали зад екранот: лево, десно и централно и еден моно-сараунд звук зад публиката. Мурч го проширил ова на шест аудио канали: трите зад екранот, два стерео сараунд канали за звуците на хеликоптерите и еден канал за сабвуферот, што стана познато како 5.1 сараунт, индустриски стандард кој се користи и денес.

Високи хонорари и неодговорно однесување на актерите

Денис Хопер првично требало да ја игра улогата на Колби (Скот Глен), но кога се појавил на сетот, Копола помислил дека не е вистинскиот за таа улога. Тој на лице место го измислил ликот на Хопер, инспириран од ликот познат како Русинот во новелата на Конрад. Хопер бил навистина тежок за работа, а кога Копола го прашал како може да му помогне со ликот, неговиот одговор бил „пакетче кокаин“. Тој го добил тоа што го барал, а дрогата за Хопер потоа влегла во буџетот на филмот.

Ликот на полковникот Курц беше замислен како висок и тенок, поради што Марлон Брандо беше избран за Курц. Но, кога се појави на снимањето, тој бил здебелен и ги немал прочитано „Срцето на темнината“ или сценариото за „Апокалипса денес“. Копола морал да му го чита сценариото на Брандо и го следел наоколу читајќи ја на глас „Срцето на темнината“. Поради ова снимањето било одложено за цела недела, а Хопер рекол: „Деветстотини луѓе, актерите и остатокот од екипата само седеа и чекаа!“

Хонорарот на Брандо изнесуваше 3 милиони долари за 3 недели работа, со забелешка дека тој ќе работи само во работните денови и не по 17:30 часот. Во својата прва недела, Брандо одбивал да дојде на снимање, наместо тоа, иницирал разговори со Копола за се и сешто за да избегне да работи каква било работа. Кога почнале да зборуваат за филмот, Брандо ги отфрлил сите идеи на Копола, вклучително и тоа да биде ќелав, како неговиот лик во книгата. Тој ги запрепастил сите едно утро кога пристигнал на сетот целосно ќелав, откако ја прочитал книгата претходната вечер.

Кога станува збор за дијалог, Брандо не можел да се сети на ништо од сценариото, па Копола го натерал да импровизира дијалог со денови и го снимал како го прави тоа. Копола потоа пишувал страници од дијалог врз основа на овие разговори и вистинскиот дијалог.

На Брандо му била поставена слушалка за време на снимањето и Копола му ги читал репликите додека снимале камерите. За да се избори со својата тежина, Копола решил да го снима облечен во целосно црно и во сенка.

Без Оскар, но Златен глобус за режија за Копола

Елеонор Копола (сопругата на Френсис) била восхитена од ритуалот на убивање животни од домородните луѓе во областа и го принудила Френсис да дојде и да погледне. Тој бил толку фасциниран од тоа, што го снимил колењето на биволот за крајната сцена. За контроверзноста поради оваа сцена, Копола рече: „Јас не го режирав тоа, тоа беше начинот на кој тие го прават тоа. Нема да убијам животно за филм; нема да убијам ништо за било која причина“.

Со надуен буџет од 31 милион долари, „Апокалипса денес“ заработи неочекувани 86 милиони долари, кои во изминатите години се искачија на 150 милиони долари. Во сезоната на награди, „Апокалипса денес“ освои само 2 Оскари, најдобра кинематографија и најдобар звук. Роберт Дувал победи за најдобра споредна машка улога, а Копола за најдобра режија и на Златните глобуси и на БАФТА.

Извор: All The Right Movies

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни