Во Европската унија во првиот квартал од оваа година, 42,5% од произведената електрична енергија потекнува од обновливи извори, соопшти Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека, во споредба со првиот квартал од 2024 година, ова претставува намалување од 4,3 процентни поени – од 46,8% на 42,5%.
Значително зголемување на производството од соларна енергија не било доволно за да го компензира намалувањето на производството од хидроенергија и ветерна енергија.
Најголем и најмал удел на обновливи извори
Меѓу земјите на ЕУ, во првиот квартал од оваа година:
Данска имала најголем удел од 88,5% обновлива енергија во нето-производството на електрична енергија, по неа следуваат Португалија (86,6%) и Хрватска (77,3%).
Најмал удел на обновливи извори е забележан во: Чешка (13,4%), Малта (14,4%) и Словачка (15,1%).
Во 19 земји од ЕУ, уделот на обновливите извори во нето-производството на електрична енергија се намалил во првиот квартал од 2025 година во споредба со истиот период во 2024-та. Главна причина за ова се намалените количини од хидро- и ветерна енергија.
Најголем пад е регистриран во: Грција (намалување за 12,4 процентни поени), Литванија (12) и Словачка (10,6).