42 пријави за две недели: Расте ли семејното насилство или гласот на жртвите конечно се слуша?

Од Скопје до Куманово, Тетово и Кичево, низ полициските билтени речиси и да нема ден без нов случај на семејно насилство. Расте ли довербата кај институцииите или Македонија се соочува со нов бран на жртви ?

На 1 и 2 април, пет пријави во Скопје. Веќе следниот ден, нов пресек со уште најмалку седум случаи во Скопје, Тетово, Куманово и Кичево. На 9 април, уште два случаи во Куманово. За период од две недели, низ полициските билтени се редат најмалку 42 пријави за семејно насилство, бројка што не изгледа како инцидент, туку како вознемирувачки аларм што во Македонија веќе предолго ѕвони.

Ниту пак бројките за целата 2025 година, не ја прават сликата помалку вознемирувачка. Според податоци од Министерството за внатрешни работи, минатата година биле регистрирани 4.745 пријави од жени за семејно насилство, бројка во која влегуваат кривични дела, прекршоци и поплаки. Кога една земја влегува во година со ваков биланс, а потоа секојдневно продолжува да брои нови пријави, веќе не станува збор само за статистика. Станува збор за јасен показател дека Македонија сериозно треба да се соочи со прашањето колку и како ги штити жените кога ќе побараат помош.

Овие бројки не се тешки само затоа што се високи. Тешки се затоа што зад секоја пријава стои дом во кој безбедноста исчезнала, жена што собира сила да каже што ѝ се случува, дете што расте во страв, родител, сестра, брат или партнер што бил нападнат од некого што требало да биде најблиску. И токму затоа загрижувачкиот феномен не е само во бројката, туку во сознанието дека во последните денови речиси и да нема ден без нов случај регистриран во полицискиот билтен.

Тоа отвора две непријатни, но неопходни прашања. Дали семејното насилство навистина се зголемува во држава која и онака со години се соочува со сериозен проблем со насилство врз жени и семејно насилство? Или, пак, конечно гледаме повеќе пријави затоа што жртвите, охрабрени од јавната дебата и од потресните случаи што ја разбудија јавноста, сè почесто решаваат да проговорат? Токму во таа дилема денес се движи и најтешкиот дел од јавниот разговор: дали гледаме пораст на насилството, или пораст на неговата видливост.

Во тој контекст, Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство вели дека последните случаи само уште еднаш покажале дека стравот и недовербата кон институциите и понатаму се силни, но тоа не значи дека жените молчат и не пријавуваат.

„Сè додека системот функционира вака – со недоволна координација, бавни реакции и недоследна заштита, стравот и недовербата кај жените ќе продолжат да преовладуваат. Но, стравот не ги спречува жените да пријавуваат. Напротив, многу жени кои преживуваат насилство веќе пријавуваат, и тоа често повеќе пати.“

Јавноста е сè уште потресена од случаите што го одбележаа март, а актуелните судења веќе се доживуваат како тест за институциите и за тоа како државата навистина ќе реагира на семејното насилство поради кое згаснаа два животи. Во таква атмосфера, сè повеќе се отвора прашањето дали системот навреме ја препознава опасноста и дали жртвите добиваат заштита тогаш кога најмногу им е потребна, а не дури откако трагедијата веќе се случила.

Токму тука, според Елена, е и клучната слабост: жените жртви не ја добиваат потребната заштита, ниту навремена институционална реакција и поддршка што би им овозможила да се чувствуваат безбедно. Најзагрижувачко, вели таа, е што жените што преживуваат насилство не ја добиваат довербата од системот, туку често се ставени во позиција повторно и повторно да докажуваат дека се жртви.

Затоа, проблемот не е само во тоа што жените немаат доверба во институциите, туку и во тоа што институциите не покажуваат доверба во жените што пријавуваат. Сè додека тоа не се промени, предупредува Димушевска, нема да имаме систем кој навистина ги штити жртвите.

Тука мораме да се соочиме со едно болно прашање: дали државата реагира дури кога трагедијата веќе се случила и кога јавноста повторно се крева на нозе. Во атмосфера што отвори сериозни дилеми за институционалниот одговор, сè погласно се слуша ставот дека проблемот не е само во насилникот, туку и во системот што доцни, минимизира, не координира и често не препознава опасност сè додека не стане предоцна.

Според Елена, зголемениот број пријави во последниот период не значи дека има повеќе насилство, туку дека институциите, особено МВР, се под силен јавен притисок и затоа почесто и поотворено информираат за своите постапувања. Со други зборови, вели таа, насилството не е во пораст изминатиов месец, туку во пораст е видливоста на институционалните реакции. Токму затоа и сегашното ревносно и детално известување за речиси секоја пријава, кое досега ретко се гледаше, за неа е доказ дека институциите можат да бидат и транспарентни и брзи кога јавноста внимателно следи.

Но, вистинското прашање, предупредува Димушевска, е дали ова темпо ќе продолжи и по неколку месеци, или повторно ќе се вратиме на старите навики на игнорирање, одложување и минимизирање на пријавите. Вистинскиот тест, според неа, ќе биде дали оваа будност ќе стане стандарден начин на работа, а не исклучок предизвикан од трагичен настан.

И токму тука е суштината. Бројките можат да се читаат на различни начини, но едно е веќе непобитно: жртвите постојат, насилството постои, пријавите се редат, а државата повеќе не смее да се крие зад административни формулации и кратки билтени. Кога во две недели има 42 пријави, не е доволно институциите само да евидентираат. Тие мора да заштитат. И тоа не по трагедијата, туку пред неа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни