Од Чикаго до Сули ан: 40 години хаус музика низ зборовите на диџеј Вишко и диџеј Јулијана

Оваа година, низ светот се одбележува 40-годишнината од настанувањето на хаус музиката, а Скопје ѝ оддаде почит преку енергична журка под отворено небо во магичниот амбиент на Сули ан, во рамки на фестивалот Скопско лето кој годинава за прв пат се отвора за настани од овој тип и понатаму од организацијата велат дека ќе ги има сѐ повеќе. Со своите диџеј сетови настапија Јулијана Милутиновиќ, диџеј Вишко и Зоки Бејбе, носејќи ја публиката низ четири децении слобода, љубов и groove.
Angel Angelovski photo

Во 1984 година во Чикаго, од урбаните џубокси и подрумските клубови, се роди звук кој засекогаш ќе ја смени електронската сцена. Хаус музиката, инспирирана од диско, фанк, соул и џез, започна како револуција на маргините – глас на ЛГБТ+ заедницата, на Афроамериканците, Латино културата и сите што сакаа простор за слобода и израз. Четири децении подоцна, хаусот живее на подиумите ширум светот – од Чикаго до Берлин, од Ибица до Токио.

Angel Angelovski photo

Јулијана Милутиновиќ: Хаусот е љубов, слобода и еднаквост

„Со оглед на тоа што сум профилирана како soulful house DJ, израснав со музика која ја постави основата на хаусот – фанк, соул, џез, диско. Сето тоа го изгради мојот вкус, па кога почнав да се занимавам со музика, логично беше тоа да биде хаус,“ вели Јулијана.

„Хаусот не е само звук – тоа е простор на уживање, слобода и обединување. Тоа е музика што не суди, туку повикува. Во време кога многумина ја поистоветуваат секоја електронска музика со техно, ние сме тука да покажеме дека хаусот има своја душа.“

Angel Angelovski photo

Во врска со Скопје и фестивалската сцена, Јулијана не крие дека ѝ недостига родниот град:
„Ми фали скопската енергија. Публиката овде има нешто неповторливо. Во Нови Сад каде што живеам, луѓето се поинакви – мешани се, но нашата душа, тој жар, го нема.“

За нејзиниот став околу одлуката на Exit фестивалот да ја напушти Петроварадинската тврдина, Јулијана отворено вели:
„Exit кукавички се повлече. За мене отсекогаш бил фестивал на љубовта – таму заминав првпат службено, таму ја запознав и мојата љубов, таму решив да останам. Но Exit повеќе не е она што беше. Тој започна како студентска револуција, како платформа на младите кои веруваа во промена, слобода, еднаквост. И сега, кога тие исти вредности се повторно под напад, фестивалот остана нем и инертен.

Последниве осум месеци во Нови Сад се чувствува тешка енергија – тага, разочараност, немоќ. Градот гори од младински отпор, од гласот на студентите кои не сакаат да си заминат, кои веруваат дека оваа земја вреди да се сака и менува. Тоа се деца кои не се водени од логиката „заврши, дипломирај и бегај“, како што нас нè учеа.

И токму во тие моменти кога младите имаа најголема потреба од поддршка, Exit – фестивал роден од протест – не беше тука. Не реагираа навреме, не беа со студентите на улица, не испратија јасна порака. Дури и кога беа прозвани на социјалните мрежи, нивните изјави звучеа како формални оправдувања, не како искрено сојузништво. И тоа боли.

Оваа година Exit беше тажен. Го немаше стариот градски пулс – ни знамиња, ни реклами, ни осет дека се случува нешто магично. Сè беше пригушено. И реално – не ни ти се оди на журка во таква атмосфера.“

Го изгуби духот на револуција од која и произлезе. Во Нови Сад, последните осум месеци, младите ни покажаа како се сака земјата – не сакаат да си заминат, сакаат да останат и да се борат. Exit не застана со нив кога беше најпотребно. Оваа година фестивалот беше тажен – го немаше тој vibe, ниту она чувство на слобода.“

Angel Angelovski photo

Диџеј Вишко: Хаусот е нашата култура, нашата сила

Хаус музиката не е само ритам – таа е култура, заедништво, став. Тоа го потенцира диџеј Вишко, еден од оние кои растеле паралелно со нејзиниот подем и кои денес ја одржуваат живата нејзината суштина:

„Четириесет години хаус музика – тоа значи четири децении култура, слобода и пулс кој не престанува. Од првите бита во Чикаго, до подрумите во Берлин, од радио етерот до најголемите фестивали – хаусот не е само музика, тоа е начин на живот. Не те прашува кој си, од каде доаѓаш, што носиш – едноставно те повикува на подиумот и ти дава слобода.“

Angel Angelovski photo

Овој правец, вели Вишко, го формирал неговиот светоглед – и музички и човечки:

„Како генерација што порасна со овие звуци, можам да кажам – хаусот не’ оформи, не’ зближи и не’ научи дека различноста е сила. Благодарен сум што сум дел од оваа приказна и сè уште верувам дека најдоброто допрва доаѓа.“

Angel Angelovski photo

Неговото патување со хаус музиката започнало речиси случајно – со еден микс кој променил сè:

„Сè почна кога ги слушнав миксовите ‘Four Seasons’ на Mark Farina. Тоа не беше само музика – беше лекција, патоказ, чувство што не се заборава. Преку него го открив хаусот како уметност, како приказна што се раскажува без зборови, само преку groove. Од таму хаусот стана мој јазик, моја платформа и моја мисија.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни