Наместо да бидат дел од беспрекорна спортска манифестација, повеќе од 4.000 млади спортисти кои учествуваат на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје се соочуваат со сериозни логистички и инфраструктурни проблеми.
Еден од инцидентите што го привлече вниманието на јавноста е објавата на спортистка од Шпанија на платформата ТикТок, која саркастично коментираше дека „не поминале ни 72 часа, а веќе падна покривот во тоалетот“. Таа не прецизираше во кој објект е сместена, ниту дали се наоѓа во Скопје или Куманово, како што пренесува Телма.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, за медиумите изјави дека станува збор за технички дефект во хотел со четири ѕвезди во Скопје. „Се работи за пукната цевка, по што е намокрен плафонот и паднала табла од гипс картон. Проблемот е саниран истиот ден и сметаме дека повеќе не е тема“, истакна Димевски.
Дополнителни предизвици предизвикуваат екстремно високите температури. Димевски информираше дека организацискиот тим презел мерки: зголемени се резервите на вода, обезбедени се медицински тимови и мраз во спортските сали, а дел од натпреварите се преместени во попладневни термини, по препорака на Европскиот олимписки комитет.
Меѓутоа, критики се упатени и за транспортната логистика. Учесниците често се гледаат како чекаат редовен јавен превоз на автобуските постројки, затоа што ЈСП Скопје функционира според летен возен ред. Ретко може да се забележи организиран или обележан превоз за потребите на фестивалот, што дополнително го отежнува движењето на спортистите и нивните тимови низ градот.
И покрај ваквите пропусти, организаторите ја потенцираат спортската димензија на манифестацијата. На денешната прес-конференција беше соопштено дека за само три дена се соборени бројни спортски рекорди и дека учесниците демонстрираат исклучителна подготвеност и спортски дух.
Сепак, останува прашањето дали земја-домаќин како Македонија навистина е институционално и логистички подготвена да организира спортски настан од ваков обем.