Како што наведува министерот во објава на социјалната мрежа X, осомничените „со своите коментари поттикнувале кривични дела и омраза“. Турските власти идентификувале 261 спорен профил на социјалните мрежи, од кои 62 се управувани од странство, пренесува Ројтерс.
Во првите 24 часа по апсењето на Имамоглу, на платформата X биле споделени повеќе од 18 милиони објави поврзани со овој настан.
Градоначалникот на Истанбул беше уапсен во средата под обвиненија за водење криминална организација, мито, местење тендери и соработка со терористичка организација.
По апсењето, повеќе од 100 луѓе се собраа пред седиштето на полицијата во Истанбул на протест против неговото задржување. Во своето прво обраќање по апсењето, Имамоглу порача дека „турскиот народ ќе одговори на лагите, интригите и замките“ насочени против него.
Само еден ден претходно, Универзитетот во Истанбул соопшти дека ја поништува универзитетската диплома на Имамоглу, поради наводни неправилности што не се во согласност со регулативите на Одборот за високо образование.
Имамоглу се смета за главен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, а турската опозиција за неколку дена треба да го избере својот претседателски кандидат за претстојните избори.