Од 7 јуни до 28 август во Мизејот на современа уметност во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба на Албан Муја „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“.
Изложбата на Муја во МСУ-Скопје прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Замислена како обид за поврзување на комплементарни дела кои ја прикажуваат и критички ја опсервираат споделената состојба и нашите заедничка засегнатост преку границите, изложбата е фокусирана на секојдневието, како и искуството на ситуација на принудна транзиција и продолжена неизвесност.
Куратор на изложбата е Владимир Јанчевски
„Во динамичен свет кој е дефиниран со постојана промена, феноменот на нашите општества заглавени во навидум бескрајна транзиција. Граници, бариери, ѕидови, видливи и невидливи, градење, изградба, обнова, дупки и рабови во законот, или на друго место, транзиција, трансформација, надминување, сѐ се тоа работи што нè опишуваат и одредуваат,“ , се вели во најавата за изложбата.
Уметничката практика на Албан Муја истражува различни аспекти на структурите кои ги дефинираат националните, идеолошките, идентитетските и егзистенцијални прашања кои не се толку очигледни. Неговите дела се повеќе од само едноставно претставување и раскажување, фокусирајќи се, исто така, на улогата што сликите и медиумите ја имаат во конструирањето и обликувањето на доминантиот наратив, односот кон идентитетот и историјата. Некои од проектите на Албан Муја се фокусираат на нетипични згради, како што се скромните семејни куќи кои неконтролирано се издигнуваат над покривите. Навлегувајќи во анализирање на овој неконвенционален градски пејзаж и урбаната стагнација и контурите кои се развиваат, Муја создава мапа на градот, којашто истовремено сведочи за потфрлањето на системот, како и за индивидуалниот „креативен“ пристап кон проблемот.
Уметничката практика на Муја го отсликува и коментира современото општество и неговите тешкотии во многу специфичен геополитички контекст. Употребувајќи критичка позиција во комбинација со иронија и духовитост, неговите уметнички дела се справуваат со горчината на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем. Имплицирајќи поглед и збир на структурни односи, географски и територијални, уметникот го свртува вниманието кон народите од овој регион – дома, како и во нивните заедници во странство, традиционално вкоренети во градежните работи, феноменот на мигрантскиот труд и проблемот да се биде лишен од социјални алатки, економска и правна сигурност.
Албан Муја (1980, Република Косово) создава видео инсталации, филмови, цртежи, слики, фотографии и јавни уметнички дела под влијание на тековните процеси на општествена, политичка и економска трансформација во неговото родно Косово и на Балканот. Преку својата пракса, тој ја истражува историјата и општествено-политичките теми, поврзувајќи ги со неговата моментална позиција во Косово.
Има прикажано дела и идеи на различни самостојни и групни изложби, вклучително и филмски фестивали и Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале. На Павилјонот, тој ја претстави триканалната видео-инсталација наречена „Семеен албум“ која навлегува во личните и колективните сеќавања на Косовската војна (1998-1999) и ја доведува во прашање улогата што сликите и медиумите ја играат во конструирањето и обликувањето на наративот, идентитетот и историјата во време на конфликт.