Триесет и три години независност денес одбележува државата која во своите три децении постоење помина многу за да стане држава членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО и држава кандидат за членка на Европската Унија.
Во триденециниското постоење државата смени три имиња, помина низ воен конфликт, низ ембарго, имаше атентат врз еден претседател и друг загинат во авионска несреќа, помина низ инфлација, приватизација, вето, промена на Устав, бегалска криза, смени на политички партии ….
Патот до самостојна, суверена и независна држава започна по распадот на Југославија, со Декларацијата која Собранието на СРМ ја донесе на15 јануари 1991 година, на која и претходеше определбата потврдена на референдумот за самостојност и независност од 8 септември 1991 година.
Тој 8 септември на гласање излегоа 1.132.595 граѓани. Огромно мнозинство мнозинство од нив 1.079.308 или 96,46 проценти гласаа ЗА и позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. ПРОТИВ беа 39.639 или 3,54 проценти.
Како важен чекор за државата следуваше усвојувањето на новиот Устав, на 17 ноември 1991 година.
По прогласувањето на независноста, меѓу првите држави што ја признаа државноста на Македонија беа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави.
Киро Глигоров беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година.
Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја армија, која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација.
Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија (БЈРМ/FYROM). Иако со времената спогодба од 1995 Грција беше обврзана да не го попречува македонското членство во меѓународни организации, на самитот на НАТО во Букурешт одлучи да стави вето.
Во 1995, на 3 октомври се случи и атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров. Мотивите и сторителот се уште не се познати.
Како последица на кризата во Косово, пролетта 1999 година, во Република Македонија се случи оргормен наплив на бегалци, главно етнички Албанци кои побараа меѓународна заштита во нашата држава. На 02.03.1999 година, Владата на Република Македонија, донесе Заклучок за давање на привремена хуманитарна заштита. Изразено во бројки согласно податоците на МЦМС, УНХЦР и Црвениот Крст, бројката на мигрантите кои влегле во Република Македонија се проценува на околу 360.000 лица.
Oколу 170.000 лица беа сместени кај семејства домаќини, а останатите во бегалски кампови. Сепак бројките постојано варираа.
2001 со сигурност ја смени траекторијата по која државата се движеше до тогаш. Повеќемесечниот оружен конфликт однесе многу животи, а заврши со потпишување на Рамковниот договор на 13 август. Со овој договор требаше да им се стави крај на меѓуетничките тензии.
Три години потоа, во 2004, во авионска несреќа кај Мостар загина претседателот Борис Трајковски. Во несреќата животот го загубија и двајца членови на екипажот и осум членови на кабинетот.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што ги регулира односите на земјата со ЕУ, беше потпишана на 9 април 2001 година. Во 2005 година земјата доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 ипрепорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата.
Спорот со името со Грција се реши со актуелизирање на преговорите помеѓу Скопје и Атина за време на Самитот во Давос во јануари 2018 година. По одржувањето на преговорите за решавање на спорот за името, што се водеа под покровителство на Обединетите нации (ОН), беше постигнат Договорот за решавање на спорот за името и стратешко партнерство познат како Преспански договор, што беше потпишан во месец јуни 2018 година на грчката страна од Преспанското Езеро.
Според овој договор, земјата го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија, а по потпишувањето на Договорот следуваа чекорите за неговото спроведување, како што се одржувањето референдум во Северна Македонија, што се одржа во септември 2018 година. Прашањето на референдумот беше „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
По ова, членството во северноатлантската Алијанса стана реалност. Северна Македонија стана 30 членка на овој сојуз на 27 март 2020 година.
Освен Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во август 2017 година беше потпишан и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и нејзиниот источен сосед, Бугарија.
Договорот има за цел да ја развие соработката меѓу двете соседни земји, како и да се дојде до усогласување за одредени прашања од историјата. Според Договорот, формирана е Заедничка експертска комисија која треба да постигне согласност за историографските факти и документи што се однесуваат на заеднички историски настани и личности, меѓу кои и за Гоце Делчев.
Минатата година започна скриниг процесот за пристап на земјава во ЕУ, кој е условен со повторна промена на Уставот и вклучување на бугарското малцинство во него.
Како црна точка во три децениското постење ќе останат запаметени настаните во Собранието на 27 април 2017 година. На насилство местото не му е во македонското Собрание.
Но овие 33 години самостојност ќе останат запаметени и по убави настани и спортски успеси. Двојната европска круна на Вардар во ракомет, онаа Кометал Ѓорче Петров уште во 2002, пласманите на кошаркарите и ракометарите меѓу најдобрите пет во Европа, настапот на фудбалерите на ЕП, олимпиското сребро на Дејан Георгиевски во Токио…
33 години самостојност донесоа многу за една мала држава со големи стремежи. Самостојноста и независноста дојдоа со многу жртви, внатрешни превирања, но и со многу убави нешта кои се гордост на државата која и покрај се продолжува да чекори напред.