Со претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности, вчера вечер во Драмскиот театар во Скопје беше отворено 32. издание на Студентските средби „Скомрахи“ под мотото ДИОНИЗИЈА СЕГА. Дионизијата продолжи на Факултетот за Драмски уметности, Скопје со DJ сетот на Александар Јорданов.
Во наредниве пет дена ќе се прикажат 6 претстави, 8 филмови, изложба, музика, прошетка, разговри по претставите, забави и работилница. „Скомрахи“ и годинава ќе има студенти од повеќе европски драмски и филмски академии со различни претстави на повеќе локации во Градот Скопје: академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Младинскиот културен центар и „Котур кафе и филм“. На студентските средби, кои се во организација на Факултетот за драмски уметности, публиката ќе има можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка… заедно со оние на домаќините – студентите на Факултетот за драмски уметности.
–Темата на годинешново издание на 32- то издание на Скомрахи е „Дионизија сега“. Дојдовме до идеја да се вратиме кон култот на Дионис, да биде издание на Скомрахи во кој сите ќе одлепиме и ќе полудиме и секој ќе може да се искаже најдобро себе си. Да се дружиме пред се многу. Ги повикувам сите кои ќе го видат ова, да дојдат да гледаат претстави, да се дружиме после претставите…Една од многуте обавини на овој фестивал е тоа што се создаваат контакти кои траат цел живот и навистина мислам дека е прекрасно чувството да се доживее и да се почувствува како е да се биде дел од овој фестивал – вели актерката Талија Ѓорѓиева.
Во рамките на театарската програма, денес во 20:30 часот, на академската сцена на ФДУ ќе биде изведена претставата „Сладок мал лажго“ на Одделот за драма на Кралскиот конзерваториум Антверпен, Белгија, а од 22:00 часот, на таа локација – „Како ги плашам луѓето“ на Националниот универзитет за театар, филм и телевизија од Киев, Украина. На 3 ноември во 20:30 часот, во Албанскиот театар во Скопје ќе биде изведена „Доошлогдадо“ на Академијата на уметностите од Берн, Швајцарија. Следуваат претставите „Figurae Veneris Historiae“ на Академијата за театар, радио, филм и телевизија од Љубљана, Словенија, (на 4 ноември во 20:30 часот, на академската сцена на ФДУ) и „Двојна прослава“ на Националниот универзитет за театар и филм, Театарска академија, од Букурешт, Романија (на 5 ноември во 20:00 часот, во МКЦ).
-Школската година за мене, односно семестарот почнува после Скомрахи, до тогаш сите сме во еуфорија за Скомрахи и за тоа што ќе се случува. Оваа година темата е „Дионизија сега“ и е баш доста добра, интересна тема – вели актерката Марија Бресилска.
За отварањето на Скомрахи беше одбрана претствата „Крал Иби“.
– Претставата која што ја имаме ние, со која што всушност го отвараме овогодинешното издание на Скомрахи мислам дека потполно се вклопува, затоа што баш оваа претстава ја работевме за да откачиме, секој од нас да покаже нешто кое што не е секојдневно, кое што не го гледаме во такво издание секој еден од нас и мислам дека и тоа го постигнавме затоа што ова, „Крал Иби“ е баш луда претстава, нешто несекојдневно, колективно, заедничко, едно тотално лудило- вели Марија.
„Годинашните „Скомрахи“, целосно конципирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на дионизиските церемонии. Иако ѝ припаѓаат на далечната историја, дионизиите сè повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и на насилството во денешниот свет. Наспроти нив, студентите на „Скомрахи“ повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување, преку свечено заедништво“, посочуваат организаторите.
-Ние многу уживавме уште во процесот кога ја правевме претставата и мислам дека секој пат кога ја играме задоволството е се поголемо и поголемо и се повеќе откачуваме и откачуваме и мислам дека ова е вистински избор како претстава за отварање на овогодинешниот фестивал – вели Талија.
На овие млади актери, ова им е прва претстава на голема сцена пред публиката и возбудата е уште поголема.
-Многу сме возбудени. Прва пат играме на толкава сцена. И се надеваме дека се ќе биде добро, имаме сите многу добар адреналин во нас што не држи и едвај чекаме да играме во петок и да ја пренесеме убавата енергија на публиката – вели Талија.
За Марија да се биде дел од Скомрахи и да се отвори фестивалот е нешто за што сонува секој студент на ФДУ од почетокот на студирањето.
– Чувството јас би рекла дека е многу убаво. Ние сме 4- та година сега и мислам дека за отварање на Скомрахи, сонува секоја класа, сите едвај чекаме да дојде нашиот ред, и еве годинава ние сме тие кои што треба да го отвориме Скомрахи. Преубаво е чувството затоа што отварањето е во Драмски Театар, прв пат ние заедно сите како класа ќе играме на таа голема сцена во театарот. И баш е убаво што со оваа претстава го отвараме Скомрахи вели таа.
Во „Котур кафе и филм“ во склоп на Скомрахи ќе биде претставена филмската програма. На 4 ноември во 17:00 часот ќе има разговор со режисерот Георги Унковски, со кинематограферот Наум Доксевски и со филмскиот монтажер Мартин Иванов, за филмот „Налепница“. Од 18:30 часот следува претставувањето на Школата за филм и телевизија при Академијата за сценски уметности во Прага, Чешка, со „Како да се сака Мартин“ во режија на Људмила Цимбуркова; „Момче, Заб, Т-рекс“ во режија на Зоја Чунг и Равен Јуан и „Приказна за Додо“ во режија на Ема Хулкова. Потоа е Националната академија за театарска и за филмска уметност „Крсто Сарафов“ од Софија, Бугарија, со „Лазарус“ во режија на Орлин Менкаџиев и „Чорба од лук“ во режија на Христијан Захариев, па Академијата за применети уметности од Риека, Хрватска, со „Сарма“ во режија на Марин Лукановиќ, како и ФДУ со „Зад ридот“ во режија на Христијан Крстевски, во продукција на „Импресија“ и „Фрозен тајм дропс“.
Програмата на „Скомрахи 2024“ вклучува и изложба за реупотреба на театарскиот „отпад“ (отворање на 2 ноември во 11 часот, на ФДУ), потоа колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ (на 3 ноември во 18:00 часот), панел-дискусијата „Поинаков начин да се биде“ (на 2 ноември во 19 часот, на ФДУ), како и разговори по претставите и повеќе музички настани.
Паралелно со програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективниот перформанс насловен „Дионизија сега“, кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите (5 ноември во 19:30 часот, во МКЦ), а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ, ќе учествуваат и сите учесници на „Скомрахи“, потоа студентите од ФЛУ, ФМУ и од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, студентите од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театарска педагогија на Академијата за уметност „Фонтис“ од Тилбург, Холандија, како и неколкумина уметници од локалната дрег-сцена.