3000 луѓе на Партизанска со солзи и гнев бараат правда за Фросина Кулакова

3000 граѓани се собраа денес на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, претворајќи го во море од луѓе кои со плач, гнев и скандирања бараа правда за трагично загинатата Фросина Кулакова. Младата девојка го загуби животот пред неколку дена, кога беше прегазена од 20-годишниот Васил Јованов, кој со 130 километри на час ја покоси на пешачки премин.

На чело на поворката стоеше семејството на Фросина, кое вчера ја испрати во вечниот дом во Неготино. До нив беа нејзиниот дечко и најблиските пријатели, со транспаренти што зборуваа повеќе од илјада зборови: „Не прегазија само тело, прегазија и надежи за правда“, „Врските на татичко не можат да ја избришат пролеаната крв“, „Не ја прегазија само Фросина, ја прегазија и нашата душа“.

Низ булеварот се вее огромен натпис со јасна порака: „Секој еден може да е следен“, предупредувајќи дека улиците не се безбедни, дека системот не е на страната на граѓаните и дека убијци слободно шетаат. Гневот на присутните се преточи во скандирања: „Нема правда, нема мир!“, а граѓаните порачаа дека нема да запрат додека виновниците не одговараат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни