Околу 300.000 луѓе демонстрираа вчера во Франција по повод Први мај, вклучувајќи 100.000 во Париз, соопшти синдикатот CGT и додаде дека протестот бил „против крајната десница, како и за мир, слобода и социјална правда“.
„Овој ден на протести беше голем успех. Имавмее 270 протести низ цела Франција“, изјави за француските медиуми претседателката на Генералната конфедерација на трудот (CGT), Софи Бине .
Синдикатите кои повикаа на собирање сакаа да се спротивстават на „трампизацијата на светот“, изјави претставничката на синдикатот Солидарни (Solidaires), Мириел Гилбер. Според неа, од доаѓањето на Доналд Трамп на власт, нема вработен кој не е загрижен поради неговите постапки, како и поради растечкиот расизам.
Собирот во Париз бил обележан со инциденти. Социјалистичката партија ги осуди физичките напади врз некои свои активисти и членови, додека лидерот на пратеничката група на социјалистите во парламентот, Борис Вало, вети дека ќе бидат преземени правни мерки.
Денкерк, пристанишен град на северот на Франција, го одбележа Први мај со паради, во сенка на загриженоста поради состојбата во челичарницата Арселор Митал, која планира да укине околу 600 работни места.
Неколку стотици луѓе се собраа во градот на повик на CGT, во присуство на неколку политички претставници, меѓу кои и претставници на социјалистите, екологистите и радикалната левица.
Француските власти засега не соопштија официјален број на присутни на протестите низ земјата. Минатата година, CGT избрoја 210.000 демонстранти во Франција (вклучувајќи 50.000 во Париз), додека властите пријавија 121.000.