Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари денеска се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година.
На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.
На настанот се очекува присуство на лидери од повеќе земји, а според медиумите од Сараево, комеморацијата би можела да привлече околу 150.000 луѓе.Генералното собрание на Обединетите нации минатата година го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, осудувајќи го негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.
Геноцидот во Сребреница, извршен од силите предводени од командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, резултираше со убиство на над 8.000 луѓе, главно мажи и момчиња, во јули 1995 година. Според податоците на Меморијалниот центар, во и околу Сребреница биле убиени најмалку 8.372 лица, вклучувајќи жени, девојчиња и постари лица.
Геноцидот е правно потврден со пресуди на Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (Хашки трибунал) и Судот на Босна и Херцеговина. Досега, 54 лица се осудени за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства во Сребреница, со вкупно 781 година затвор. Петмина, вклучувајќи ги Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, се осудени на доживотен затвор. Меѓународниот суд на правдата во 2007 година пресуди дека Војската на Република Српска извршила геноцид во Сребреница, додека Србија беше прогласена за одговорна бидејќи не го спречила геноцидот.
Сепак, како што посочува српската агенција Бета, српските политички елити во Босна и Херцеговина и во Србија сè уште не покажуваат подготвеност да се соочат со минатото и да го признаат геноцидот.
Меморијалниот центар Сребреница – Поточари предупреди дека во Република Српска продолжува институционалната дискриминација на Бошњаците, негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.