3 недели без телефони – експеримент во училиште во Англија

На почетокот учениците биле фрустрирани и анксиозни. На крајот, сепак ги согледале бенефитите од некористењето на паметните телефони

Училиште во Есекс, Англија направи интересен експеримент – на учениците, во период од 3 недели, целосно им ги забрани мобилните телефони.

Целта била да истражат како ќе влијае отсуството на паметните телефони на нивните навики во текот на денот и интеракцијата со соучениците.

За голем дел од учениците оваа промена била тешка. Еден од нив ,,губењето” на телефонот го споредил со губење бебе. Друг ученик, пак, го опишал како ,,земање на се што е забавно на 21 ден”. Кај сите главно преовладувале досадата и биле фрустрирани. Еден ученик дури и почнал да чита книга, како последна утеха.

Но, како што поминувало времето, почнале да ги чувствуваат бенефитите. Учениците станувале поактивни, се вклучувале во активности надвор од училиштето и поминувале повеќе време со семејството. Кај многу од нив се подобрило спиењето, се намалила анксиозноста и им се зголемил фокусот.

Значителни промени забележале и наставниците. Учениците подобро комуницирале со нив, биле поподготвени да учат и повеќе вклучени во наставата.

Експериментот натерал дел од учениците да размислат во однос на нивните навики. Согледувајќи го влијанието врз нивниот живот, некои од нив размислувале да го избришат ТикТок.

Иако на почетокот овој експеримет изгледал предизвикувачки, сепак ги открил неизмерните ефекти од исклучувањето на телефоните и ги потсетил учениците на важноста да се биде присутен и повторно да се поврзат со сите околу нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни