Меѓународен ден на мирна коегзистенција: зошто мирот денес значи повеќе од отсуство на војна

Во свет со десетици активни конфликти, мирната коегзистенција станува прашање на одговорна политика, комуникација и заштита на човечкото достоинство.

Актуелната безбедносна слика јасно покажува колку е итно и важно прашањето за мирна коегзистенција и нејзиното суштинско разбирање. Според податоците на Council on Foreign Relations и нивниот Global Conflict Tracker, во моментов во светот се евидентирани речиси 30 активни вооружени конфликти, од меѓудржавни судири до внатрешни војни со сериозни регионални и глобални последици. Паралелно, други меѓународни набљудувачи следат уште поширок спектар на кризни жаришта, што укажува на состојба на континуирана и длабока нестабилност.

Токму во таков контекст, обележувањето на 28 јануари, Меѓународниот ден на мирна коегзистенција добива дополнителна тежина. Во време на засилени геополитички тензии, растечки вооружени судири и длабоки општествени поделби, овој ден, воспоставен од Обединетите нации, претставува повик за поинакво разбирање на мирот – не како апстрактна вредност, туку како практична политичка и општествена потреба. 

Овие бројки не се само статистика, туку показател за системски проблем: конфликтите сè почесто не се решаваат, туку се пролонгираат, замрзнуваат или управуваат на начин што ја зголемува цената што ја плаќа цивилното население.

Мирна коегзистенција: повеќе од прекин на огнот

Една од клучните поенти на овој ден е разјаснувањето дека мирот не се сведува на отсуство на насилство. Токму затоа е важно да се подигне свеста и да се направи разликата меѓу т.н  негативен мир кои по дефиниција значи само отсуство на оружје и директно насилство. Позитивниот мир подразбира и отстранување на подлабоките причини што водат кон неправда, исклучување и трајна нестабилност. 

Во тој контекст, неопходно е јасно да се прави разлика меѓу спор и конфликт. Спорот најчесто претставува конкретно несогласување околу одредено прашање што може да се реши преку преговори и компромис, особено во услови на позитивен мир. Конфликтот, пак, е подлабок и подолготраен процес, поврзан со идентитети, историски искуства, нееднаквост и безбедносни стравови, кој може да биде „пригушен“ во услови на негативен мир, но не и суштински надминат.

Мирната коегзистенција токму тука добива вистинско значење, како активен процес на заедничко постоење меѓу различни актери, интереси и идентитети, заснован на дијалог, заемно почитување и ненасилно разрешување на несогласувањата, чија цел не е бришење на разликите, туку нивно управување на начин што ги намалува последиците по животот и достоинството на луѓето.

Клучната улога на комуникацијата

Во услови на ваква комплексност, комуникацијата станува централна алатка – или за деескалација, или за продлабочување на конфликтите. Одговорноста не е само кај политичките лидери, туку и кај сите актери вклучени во јавниот простор: институции, медиуми, новинари, советници и тимови за односи со јавноста.

Начинот на кој се формулираат пораките, се именуваат „другите“ и се објаснуваат спорните прашања може да води во две спротивни насоки. Од една страна, непрецизна, агресивна или дехуманизирачка реторика придонесува за поларизација и легитимирање на насилството. Од друга страна, одговорната и прецизна комуникација која што ги признава разликите, ги појаснува интересите и ги нагласува можностите за соработка, може значително да влијае врз намалување на тензиите и создавање простор за мирни решенија.

Мирот како свесен избор

Меѓународниот ден на мирна коегзистенција не повикува на наивен оптимизам, туку на политичка, медиумска и општествена зрелост. Во свет со десетици активни конфликти, мирот не е даденост, туку резултат на свесни избори: како ги дефинираме проблемите, како зборуваме за „другите“ и дали сме подготвени да ја ставиме заштитата на човечкиот живот и достоинство пред краткорочните политички добивки. Токму во тие избори се крие разликата меѓу деескалацијата и продлабочувањет на конфликтите, меѓу управувањето со кризи и нивно вистинско надминување.

Мирната коегзистенција, затоа, не значи игнорирање на разликите или на неправдите, туку нивно препознавање и одговорно адресирање преку дијалог, институции и јавна комуникација што не произведува дополнителна омраза. Таа бара јасна одговорност од политичките елити, но и критичка улога на медиумите и јавните говорници, чие влијание може да биде пресудно во обликувањето на јавниот дискурс. Во време кога конфликтите лесно се претвораат во наративи на „тие против нас“, мирот останува свесна, тешка, но неопходна одлука која што директно ја одредува цената што општествата се подготвени да ја платат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни