Неофицијално: при акција во Скопје запленти 27 тони марихуана

Во акција на повеќе локации во Скопје и Струмица се сомничи злоупотреба на лиценци за медицински канабис и институционални пропусти во контролата

Македонските безбедносни служби спроведоа една од најголемите акции во историјата на земјата, при што беа запленети вкупно 27 тони марихуана, поврзани со претходно откриена пратка во Србија.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека, во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, спровеле координирана полициска акција на повеќе локации во Скопје и Струмица поврзана со сомнежи за опојна дрога. Од МВР најавуваат дека дополнителни информации ќе бидат објавени по завршување на оперативните активности.

Операцијата се интензивираше на 5 и 6 февруари 2026 година и се одвиваше на повеќе локации. Во Скопје, во кругот на поранешната фабрика ОХИС, беа пронајдени околу 10 тони марихуана складирани во објекти на приватна компанија. Паралелно, во струмичкиот регион беа запленети дополнителни 18 тони, со што вкупната количина достигна размери што ретко се забележуваат и во регионални рамки. Случајот го насочи вниманието кон злоупотребата на лиценците за медицински канабис и сериозните институционални пропусти во контролата на овој чувствителен сектор.

Акцијата беше спроведена со засилено полициско присуство, вклучувајќи специјални единици, десетици полициски возила и товарни камиони, а логистичка поддршка обезбеди и Царинската управа. На терен беа присутни и медицински екипи, поради обемот и чувствителноста на материјалот што се процесираше.

Во фокусот на истрагата се најде компанијата „Алфафарм“ ДОО Скопје, регистрирана во 2023 година, која поседувала лиценца за одгледување и преработка на билки за фармацевтска употреба, издадена во 2024 година. Иако формално работела во рамки на законската регулатива за медицински канабис, истражните органи се сомневаат дека огромен дел од производството не завршувал во легалните медицински канали, туку бил пренасочуван кон црниот пазар.

Дополнителен сомнеж предизвикаа и податоците од Централниот регистар, кои укажуваат на промени во сопственичката структура на компанијата само неколку дена пред откривањето на нелегалните пратки во Србија. Тие промени сега се предмет на посебна анализа во рамки на истрагата.

На 29 јануари 2026 година, српските власти запленија околу 5 тони марихуана во близина на селото Коњух, кај Крушевац. Дрогата била транспортирана под маската на легален извоз на земјоделски производи, со проценета вредност меѓу 7 и 10 милиони евра. Меѓу уапсените во Србија се најде и лице поврзано со сопственичката структура на „Алфафарм“, по што беше потврдено дека пратката потекнувала од македонска територија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни