27 јануари: Светот се сеќава на жртвите на Холокаустот

Над 7.100 македонски Евреи депортирани и убиени, шест милиони жртви во светот.

Во март 1943 година, од територијата на денешна Македонија беа депортирани и убиени 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип во нацистичкиот логор на смртта Треблинка. Со оваа депортација речиси целосно беше истребена еврејската заедница во Македонија – трагедија што претставува една од најмрачните и најболни страници во историјата на земјата. 

Холокаустот резултираше со убиство на околу шест милиони Евреи низ Европа,  речиси две третини од тогашната еврејска популација. Паралелно, милиони други луѓе; роми, лица со попреченост, политички противници, хомосексуалци и припадници на други прогонувани групи,  беа жртви на нацистичката идеологија на омраза и исклучување.

Само во комплексот Аушвиц-Биркенау, над еден милион луѓе беа убиени, што го прави логорот еден од најмрачните симболи на геноцидот.

Токму затоа, 27 јануари се одбележува Меѓународниот ден на одбележување во спомен на жртвите на Холокаустот, датум воспоставен од Обединетите нации во 2005 година, во знак на сеќавање на масовното и систематско уништување на милиони луѓе за време на Втората светска војна.

Датумот се поврзува со ослободувањето на нацистичкиот концентрационен и истребувачки логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година, симбол на најекстремната форма на кршење на човековото достоинство и човековите права.

Сеќавање за човекови права и достоинство

Овогодишното одбележување, под пораката „Holocaust Remembrance for Dignity and Human Rights“, ја нагласува поврзаноста меѓу историското сеќавање и современата борба за човекови права. Холокаустот не се памети само како минато злосторство, туку како трајно предупредување за последиците од расизмот, антисемитизмот, дехуманизацијата и институционалната тишина.

Како што нагласуваат Обединетите нации, едукацијата за Холокаустот е клучна за спречување на геноцид, масовни злосторства и системска дискриминација во сегашноста и иднината.

Одбележувајќи 81 година од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау, УНЕСКО најави серија глобални настани и активности насочени кон едукација и колективно сеќавање, со фокус на универзалните човекови права и заштитата на човечкото достоинство.

Овој ден не е само чин на историско сеќавање, туку и повик за одговорност.

Холокаустот покажа до каде може да доведе системското негирање на човековото достоинство, институционализираната омраза и молкот на општеството. Затоа, одбележувањето на 27 јануари е нераскинливо поврзано со борбата за човекови права, еднаквост и заштита на ранливите групи денес. Како што постојано потсетуваат Обединетите нации, учењето за Холокаустот не е прашање на минатото, туку предуслов за спречување на идни геноциди, масовни злосторства и дехуманизација. Сеќавањето не е доволно само по себе.  Значењето на овој ден лежи во тоа дали наученото ќе се претвори во одбрана на достоинството, животот и правата на секој човек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни