27.000 лососи избегале од кафези на фарма во Норвешка

Најголемиот светски производител на фармерски лосос, компанијата Mowi, нуди по 43 евра за уловен лосос

Мултинационалната компанија Mowi се најде во голем проблем, а последиците би можеле да бидат далекусежни. Гардијан пишува дека дури 27.000 лососи побегнале од кафезите на фарма во близина на Тромс во северозападна Норвешка, што е нешто повеќе од една четвртина од вкупниот број од 105.000 лососи.

Норвешката управа за риболов соопшти дека компанијата Mowi пријавила дека лососот исчезнал во неделата на 9 февруари, откако била откриена штета на надворешниот прстен на оградата на кафезот во објектот Storvika V во општината Dyrøy. Просечната тежина на побегнатиот лосос е околу 5,5 килограми.

Со оглед на тоа што на одгледувачите им е дозволено да ловат риба којашто избегала во радиус од 500 метри околу кафезот за размножување, веднаш се претпоставуваше дека станува збор за големо бегство. Поради тоа на Мови му е наредено да фати лосос надвор од наведеното растојание, а инцидентот ќе се следи според нормални процедури, велат од Управата.

Норвешките власти извршија увид во објектот и издадоа наредба за проширување на напорите на компанијата за фаќање на побегнатиот лосос. Мови рече дека ова е сериозна и многу тажна ситуација и дека лососот уловен од регистрирани рибари може да биде однесен во специјализирани центри во регионот во замена за награда од 500 норвешки круни.

Избеганиот фармерски лосос, исто така, е голем еколошки проблем бидејќи тие му се закануваат на дивиот лосос со намалување на нивната генетска разновидност, зголемување на наездата на морските вошки и интензивирање на конкуренцијата за места за мрестење.

Во Норвешка, која извезува 1,2 милиони тони одгледуван лосос годишно, проблемот е од толкава големина што минатото лето бројот на дивиот лосос падна на историски минимум, што резултираше со затворање на 33 реки за ловење лосос. Летово предложено е затворање на 42 норвешки реки и три фјордови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни