26 години ЦИВИЛ – Центар за слобода

Од Мајдан, па сè до бруталната геноцидна агресија што трае веќе четири години, ЦИВИЛ непоколебливо стои во целосна и активна солидарност со Украина

Центар за слобода ЦИВИЛ, денеска полни 26 години. 

Од ЦИВИЛ велат дека тоа се години на посветена работа во одбрана на човековите права, демократијата и слободата. 

„Повеќе од две децении борба против говорот на омраза, дискриминацијата и национализмот. Посветена и упорна работа против оруженото насилство и култот кон оружјето. Повеќе од една деценија активна борба против дезинформациите и хибридните закани.

Од Мајдан, па сè до бруталната геноцидна агресија што трае веќе четири години, ЦИВИЛ непоколебливо стои во целосна и активна солидарност со Украина во борбата за праведен мир, слобода и суверенитет.

Нашата заложба е меѓународна: за мир, за достоинство на сите народи и малцински заедници, и осуда на етничкото чистење и геноцидот каде и да се случуваат. Искрено и доследно се бориме за родова еднаквост, демократија, човекови права и слободи“ наведуваат од ЦИВИЛ.

Од организацијата прават ретроспектива се до нивните почетоци и истовремено упатуваат благодарност до сите оние кои во овие 26 години биле дел од нив и ги поддржувале.

„Во овие 26 години го градевме ЦИВИЛ како заедница на слободни и одговорни луѓе. Постојано во движење, постојано во акција. Тоа се луѓе што не молчат пред неправдата и стојат на страната на жртвите кога медиумите, академската заедница и институциите молчат. Зад секој наш проект, извештај, сторија и акција стојат експерти, активисти, новинари, истражувачи и граѓанки и граѓани кои секојдневно покажуваат дека вреди да се бориме за подобро и поправедно општество.

Она што започна како мал групен напор во 1999 година денес е силна организација со локално, регионално и меѓународно влијание, изградена врз значајни партнерства и уште поголема одговорност. ЦИВИЛ не е само организација, туку живо сведоштво за тоа што може да се постигне со истрајност, доследност и храброст. Тоа се 26 години непроменет и бескомпромисен став и глас против неправдата, авторитаризмот и агресијата, и 26 години посветеност на слободата и достоинството на човекот.

Од 1999 до денес, низ кризи, притисоци, судски прогони, кампањи на омраза и политички турбуленции, ЦИВИЛ останува верен на својата мисија: јавниот интерес, човековите права и достоинството на луѓето. Голема благодарност до сите експерти, активисти, новинари, истражувачи, партнери и пријатели, како и до сите донатори и поддржувачи што во овие 26 години беа – и остануваат – дел од нашата приказна. Продолжуваме – секогаш искрени, секогаш гласни“ стои во соопштението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни