Македонското искуство од 25 Светска извидничка смотра во јужна Кореа го пренесуваат Елисавета Лукановска и Дино Релушкоски

25. Светска извидничка смотра собра 44000 извидници од 155 земји

Извидникот каде и да отиде има кому да се обрати, има пријатели уште пред да ги познава и пред да им го дознае името, бидејќи секаде има некој со кого ги дели вредностите и принципите, секаде има извидник.

25-то Светско извидничко Џамбори се одржa од 1 до 12 август 2023 година, во SaeManGeum, Jeollabuk-do, Република Кореја. На секои 4 години на светско ниво се одржува еден голем и значаен настан – светска извидничка смотра. Секоја се организира на различна локација со извидничка организација во улога на домаќин на овој настан. Камп местото опфаќаше површина од над 900км2 и на истото беа сместени 44000 извидници. Извидниците кои имаат од 14 до 18 години беа учесници и уживаа во следење на програмата додека оние над 18 години беа во улога на волонтери, координатори на програмски области, дел од тимовите за логистика, комуникации и менаџмент на контингентите. 

Ова е втор пат корејската асоцијација на извидници да биде домаќин, по 17-тото Светско извидничко Џамбори кое се одржа во земјата во 1991 година.

Темата на годинашната смотра беше  „Нацртајте го својот сон“,што ја изразува желбата членовите на Извидничкото движење да го трансформираат 25. Светски извиднички Џамбори во свој фестивал и да ги развијат своите соништа преку настанот.

За да бидеш квалификуван младински учесник на 25-то Светско извиднички Џамбори, мораше да сте родени помеѓу 22 јули 2005 и 31 јули 2009 година и да бидете водач на единицата или да бидете член на вашиот тим за управување со контингенти.

На оваа смотра имаше учесници од 155 земји, а контингентот на Сојуз на извидници на Македонија броеше 47 извидници, од кои 27 учесници со нивните тројца водачи формираа 3 патроли кои учествуваа во програмата, 15 волонтери беа вклучени во логистичката и програмска поддршка на кампот а, Елисавета Лукановска  заедно со нејзиниот колега Влатко беа водачи на контингентот одговорни за подготовката на самата група, обезбедување на опрема, логистика околу патувањето, комуникација со родители и чинители, комуникација со организаторите и многу други одговорности.

Елисавета Лукановска и Дино Релушкоски беа дел од оваа смотра и за читателите на Трн го пренесуваат ова единствено искуство – Светска извидничка смотра.

„Во овие улоги многу од извидниците се најдоа за прв пат и морам да признаам дека одлично се справија со сите предизвици кои тие ги носеа“, изјави за читателите на Трн, Елисавета Лукановска, Водач на македонскиот контингент во јужна Кореа.

Елисавета Лукановска е извидник веќе 15 години, активна на локално, национално и интернационално ниво во извидничкото движење. Ова лето учествуваше на единственото искуство – светска извидничка смотра во улога на Водач на македонскиот контингент.  

Дино Релушкоски има 22 години, а извидник e од самиот почеток на работа на Извидничкиот одред „Феникс“ во Прилеп, во 2015 година. Зад себе има многу смотри и кампови и затоа вели дека учеството на оваа смотра му дојде логично.

Трн: Можете ли да го опишете вашето целокупно искуство во извидничкиот камп во Јужна Кореја? Кои беа најважните моменти за вас?

Дино: Со оглед на мојата богата историја на присуство на најразлични извиднички настани, Светската смотра во Кореја и покрај лошите коментари на медиумите, од прво лице можам слободно да кажам дека ми е во најдобрите. 
Секој вид учество на смотрата: дали како учесник, волонтер или водач на патрола има различно искуство. Јас бев водач на една од трите македонски патроли, „Шарпланиници“, и имав прекрасно искуство. 
1.Би го издвоил самото патување, до и назад од Кореја. Долгите патувања се најдобар начин за градење на тим. 
2.Предсмотрената програма во селото Имсил односно запознавањето на корејската традиција и култура преку запознавање на локалното население. 
3.Активностите односно времето поминато со патролата во текот на целиот настан. Од смислувањето на патролниот извик/песна и патролното готвење до секоја посетена активност во различните програмски области и доцни вечерни разговори и игри. 
4.Евакуацијата поради ураганот и спојувањето со останатите членови на македонскиот контингент и предобро поминатото време на различни локации во и околината на Сеул. 

Елисавета: Од личен аспект оваа смотра за мене беше предизвик и место каде за прв пат се најдов во многу ситуации кои го опишаа моето искуство: првиот подолг лет, првото патување надвор од Европа, прв пат во улога на водач на толкава група на извидници во странство, одговорна за 47 луѓе на патување кое се чинеше дека е на другиот крај на светот, прв пат живот на место со 90% влажност на воздухот, прв пат лето со толку извиднички настани, прв пат во ситуација да треба да објаснувам што е тајфун (а и самата комплетно не сум сфатила до некои два дена претходно), прв пат изгрејсонце во Кореја, прв пат зајдисонце на Жолто Море, прв пат се чувствував толку значајно и силно во толкава толпа на луѓе, прв пат комуницирав со извидници од толку различни земји и за крај, прв пат комплетно ја сфатив моќта на ова движење, позитивни млади, со иста цел, водени со поддршка од возрасни кои неизмерно веруваат во подобро утре. 


Трн: Кои беа вашите првични мисли и чувства кога дознавте дека тајфун ќе ја погоди областа каде што се наоѓа кампот?

Дино: Постојано бевме позитивни кон сите работи на смотрата вклучувајќи го и известувањето за тајфунот. Успеавме да останеме во добар дух и покрај претходните предизвици како топлотниот бран и жешкото и влажно време. Не дозволувавме нештата да станат проблем, а ги гледавме како предизвици.  Сите бевме сплотени и смирени кога дознавме дека наредниот ден треба да го спуштиме кампот и да не евакуираат наоколу Кореја во еден ден заедно со уште 40 000 извидници.

Елисавета: Во кампот и со сите климатски предизвици кои се карактеристични за едно лето во Јужна Кореја нашите извидници се снајдоа одлично. Топлото и влажно време го прифативме и максимално одговорно се однесувавме, ги следевме сите мерки на претпазливост и превенција од несакани последици. Искрено, доаѓајќи од земја чија клима не познава такви феномени како тајфунот не знаевме што би требало да очекуваме, но бевме сигурни дека организаторите се комплетно подготвени да одговорат на било кој ваков предизвик. 


Трн: Како организаторите и водачите на кампот се справија со ситуацијата? Кои безбедносни мерки беа преземени за да се обезбеди благосостојба на извидниците?

Дино: Ќе слушнете безброј приказни како организаторите не се справиле добро, но во моите приказни тие се справија одлично. Водачите на Македонскиот контингент се справивме исто така одлично, со добра комуникација и тимски одлуки. Ни беше обезбедено од чадори за сенка, до кремови за сончање, заштитни ракави, батериски вентилатори, шапки па дури и автобуси за ладење за да се справиме со топлотниот бран и влажното време, за коешто нас европејците ни требаше време за да се навикнеме. Во секој случај немаме поплаки кон организаторите за безбедносните мерки што ги презедоа. 

Елисавета: Во рок од 15 часа и со над 900 автобуси од камп местото до Сеул и околината се транспортираа над 40,000 извидници. Истото беше направено следејќи добро искомунициран план и претходно определен комуникациски ланец за пренос на информации. Од организаторите добивме инфо-пакет и насоки за комуницирање на оваа специфична ситуација кои ги користевме при комуникација со учесниците, родителите и јавноста. Нашите извидници на 8 август уредно ја спакуваа опремата од својот поткамп, го исчистија местото, ја спакуваа личната опрема и со ведар дух и спремни за нови авантури се упатија кон новата локација. Од 8 до 12 август организаторите подготвија програма исполнета со активности и екскурзии од областа на култура, традиција, технологија и се она кое е карактеристично за земјата домаќин. Ова патувачко џамбори беше прво од ваков вид и нешто ново за сите, во коешто одлично се вклопивме. Извидниците беа сместени во сместувачки капацитети на компании, универзитети, студентски домови и слично, па така ние го продолживме нашето искуство сместени на 80км јужно од Сеул, во тренинг центар на една од компаниите поддржувачи на овој настан. 

Трн: Дали би можеле да споделите некои интересни или незаборавни активности во кои учествувавте за време на кампот?

Дино: Бевме во забавен парк и се возевме на roller coaster.

-Во кампот на една активност за освежување си правевме искршен мраз со сируп од јагода во јадлива чинија со јадливо лажиче. 

-Бевме во традиционален корејски ресторан и си готвевме јадење на нашата маса.

-Денот кога дознавме дека другиот ден ќе не евакуираат, сите патроли бевме на програмска област за авантура. Најинтересната активност во областа беше да возиме четириколки, но поради информацијата за евакуација следниот ден, голем број учесници сакаа да учествуваат на таа активност и редот беше огромен. Се помоливме, да ни дозволат последни да се извозиме и волонтерите и организаторите беа предобри и ни дозволија. 

-Одењето на церемонијата за отворање на смотрата со пеење на извидничката химна и други македонски песни.

-Шоуто со дронови

-Пробување на традиционални корејски носии/облеки 

-Играње на корејски игри 

-Посетата на будистички храм, учење за будизмот

Трн: Имаше извидници од 155 земји, што значеше тоа за вас и за вашиот сојуз? Проширување на пријателството со други извидници?


Елисавета: 155 земји, над 44000 извидници на едно место, а меѓу нив и 47 од Македонија. Можеби за некого овие бројќи ќе направат да се чувствува мало и незначајно, но за нас означува доказ дека сме дел од едно огромно семејство проширено низ целиот свет. Иако бевме еден од најмалите контингенти, самиот факт дека гордо го веевме нашето знаме на церемониите за отварање и затварање на настанот, се дружевме со извидници од секаде, бевме секогаш ведри и насмеани, позитивни и отворени за дружба и забава и тоа не остана незабележано во толпата. Единствено искуство каде среќавате луѓе кои ги имате како пријатели засекогаш. Да се биде дел од оваа група на млади луѓе, спремни да го направат светот подобро место за живеење со секоја нивна активност, е привилегија и огромна среќа. 
Извидникот каде и да отиде има кому да се обрати, има пријатели уште пред да ги познава и пред да им го дознае името, бидејќи секаде има некој со кого ги дели вредностите и принципите, секаде има извидник. 

Трн: Дали имавте шанса да комуницирате со локални извидници или да научите за културата на Јужна Кореја? Ако е така, што научивте?

Дино: Корејците не јадат многу леб, а јадат ориз. На денот резервиран за културно претставување на државите, не можевме да најдеме леб за да намачкаме ајвар и малиџано за проба. Јадат леб по малку, но имав случка кајшто како веган, побарав ако може да ми обезбедат леб без јајца и млеко и се зачудија како може леб без јајца и млеко. 
Корејците се многу гостопримливи, во одредени случаи повеќе и од нас балканците.

Јадат во граница и разновидно. 

Обожаваат корејска поп музика и корејски танци, а веќе станува и светски познато. 

Светските медиуми,  Смотрата во Јужна Кореја ја означија како „национален срам“, „игра за преживување“ и „најлош кошмар“. Јавното критикување особено масовно беше на интернет, а непознати луѓе им приоѓале на извидниците на улиците, се извинувале во име на нивната земја и им делеле подароци.

Македонското искуство од друга страна пак беше многу позитивно. Нашите учесници се презадоволни од целата организација на земјата домаќин на оваа 25 извидничка смотра.

Јужна Кореја успешно беше домаќин на големи настани како што се Светското првенство во ФИФА и Зимските олимписки игри, но лошото управување со глобалниот извиднички настан, кој се бореше со топлината и хигиената и на крајот мораше да биде евакуиран како што се приближуваше тајфунот, остави многумина да се прашуваат: каде сето тоа тргне наопаку?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни