„Ја поздравуваме заложбата на Владата за борба против корупцијата и за владеење на правото, особено истакнувана по трагедијата во Кочани, и целосно се согласуваме дека „корумпираниот систем не смее да победи“, истиот е „чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата…“ и дека борбата против корупцијата не е и не смее да биде меѓу-партиска пресметка туку „борба на чесните против нечесните“, се вели во претставката која до Владата и премиерот ја достави Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42
со поддршка од 24 организации.
„Во овој контекст укажуваме дека уништувањето на највредното богатство на земјата и сите нејзини сегашни и идни граѓани – светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, со пасивно и/или активно учество на државните институции, е дијаметрално спротивно постапување од она кое води до справување со корупцијата и воведување на правна држава.„ – се вели во претставката поднесена до премиерот и Владата од страна на Фронт 21/42, Охрид ЅОЅ, Новинари за човекови права, Балканска Водна
Мрежа, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Национален Рома Центар Куманово,
Институт за комуникациски студии, Центар за правни истражувања и анализи, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, О2 Иницијатива, Еко Логик, Вело Училишта, Зелен Хуман Град, Хумани Градови, Грин.орг Кочани, Го Сакам Водно, Здрава Котлина, Институт за човекови права, Центар за управување со знаење, Метаморфозис, Планетум, Еко-Живот, Движење на Екологисти на Македонија и Гоу Грин.
Граѓанските организации бараат итно да се спроведат Законот за животна средина, Законот за градење и Законот за општата управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување на елаборат за животна средина, е ништовно. Во претставката се додава дека издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречи и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и Архуската конвенција. Организациите се осврнуваат и на улогата на Државниот инспекторат за животна средина и од премиерот и Владата бараат да се обезбеди испитување на можни коруптивни постапки од страна на сите посочени институции и вклучени лица. „Државниот инспекторат за животна средина, институцијата чија основна должност е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и да го заштити јавниот интерес – наместо да превенира, овозможи понатамошна деградација на природното наследство; заштити законски прекршувања, кривични дела, противуставни постапки и противзаконска материјална корист на Дивелоп Груп.„ – се истакнува во претставката.
Невладините посочуваат дека обврската за отстранување на градбата, враќање на природата во
првобитна состојба и поништување на урбанистичкиот план на кој се базира актуелното
уништување, ја налагаат и меѓународните договори – Бернската и конвенцијата на УНЕСКО, и
потсетуваат дека одговорноста за нивното извршување законот ја лоцира токму кај Владата.
Истите организации доставија претставка со слична содржина и барања и до Општина Охрид, а за
целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за
координација на активности против корупцијата