Во време на крвавиот распад на Југославија во 90тите години од минатиот век, на просторите на некогашната држава постоеле и луѓе, уметници и општественици кои се противеле на војната.
Во тие особено тешки времиња, се појавува ад хок музичка група наречена „Римтутитуки“ составена од фронтмените на тогашните познат бендови ЕКВ, Партибрејкерс и Електрични оргазам.
Седум дена по промоцијата на синглот „Слушај ‘вамо“ – а без добиена дозвола од полицијата за одржување на собир – на 8 март 1992 година, Римтутитуки одржа „концерт на камион“, прв од таков вид во Белград.
Собирот започнал кај Студентскиот културен центар со бесплатно делење на синглот, по што камионот на кој свиреле Зоран Костиќ -Цане (Партибрејкерс) Срѓан Гојковиќ – Гиле (Електрични оргазам) и Милан Младеновиќ (ЕКВ) се движел преку Славија до Плоштадот на Републиката, следен од многубројна публика.
Акцијата била планирана герилски, па така и била изведена – со изнајмување камион, агрегат и набавка на гориво кое во тоа време било тешко достапно.
„Среде концертот, среде возењето, ни снема гориво… Лошо пресметавме сè, овој што ни го даде агрегатот не ни кажа колку тоа чудо троши на час. Додека ние се обидувавме да најдеме бензин, тие стоеја на камионот. Милан Младеновиќ и Гиле се обидоа со акустична гитара да свират и викаа од глас.“ сведочи еден од организаторите.
Неколку недели подоцна, по концертот на виенскиот Хелденплац на кој настапија пред 70.000 луѓе, Милан Младеновиќ изјавил:
„Не можеме да очекуваме дека една песна може да ги промени луѓето. Но можеме да покажеме дека не се сите од Србија за Милошевиќ, а со тоа и за војна.“
„Слушај вамо“ и познатиот рефрен „Мир, брате мир“ со години одѕвонуваа низ просторите на бивша Југославија, а војните и кризите кои траеја скоро цела деценија по премиерниот настап, со сигурност ја промовираа оваа нумера како најпозната антовоена песна на овие простори.