23 програмски проекти и над 200 вонпрограмски настани во текот на јубилејната година на Националната галерија

За годината што изминува, со сигурност може да се резимира дека на културната сцена изнесе  особени проекти од национален интерес. Културната понуда остана во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет. Зборуваме за проекти од јавен интерес, кои ги промовираа достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство.

2023 година, година на одбележување на јубилеј – 75 години постоење, ќе биде забележана како амбициозно реализиран предизвик. Изнесена е квалитетна Програма на достојно чествување. „Низ разни проекти, доминантно ја афирмиравме нашата богата колекција, презентиравме врвни мајстори на модерната и современата национална уметност. Горди сме на сето сработено, особено на фактот дека целокупната македонска јавност: публиката, медиумите, здруженијата и организациите, образовните институции, претставниците на корпоративните и дипломатските тела, и многу други ја препознаа, валоризираа и конфирмираа нашата посветеност.

Во годината што полека ја испраќаме реализиравме 23 програмски проекти и над 200 вонпрограмски настани од типот на вонпрограмски изложби, конференции, концерти, промоции, работилници, корпоративни настани“, истакнаа од Националната галерија.

За медиумската покриеност, за видливоста која ги руши сите рекорди изразуваат бескрајна благодарност до сите медиумски куќи и портали, дигитални и печатени медиуми за несебичната поддршка и афирмација на работата на Националната галерија. 

Благодарение на статистиката која може да се црпи од најпопуларната социјална платформа Фејсбук ги споделуваат следните податоци: За помалку од 365 дена беа објавени 458 објави и 5 приказни; Страната на Националната галерија беше дофатена безмалку 200.000 пати; „Ми се допаѓа“ 13,675 пати, следачи на страната 14,404;

Сите објави се „органски“ а најпопуларни, објавите од 28 септември 2023 и 2 октомври 2023;

Видливоста на социјалните мрежи се должи најмногу на нашите следачи 63,6%;

А сега, да направиме ретроспективен осврт на програмските активности реализирани во годината која заминува:

Традиционално започнавме во месец март. Овогодинешната изложба, насловена  „Мајчинство“- од колекцијата на Националната галерија, беше поставена во просторот на Чифте амам, на 7 март. Изложбата претставуваше селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации ликовни автори, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфати дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија, вклучи широк избор, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица па се до новите медиуми. Можеа да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата основоположничка генерација меѓу кои Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирмацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и др. Застапени беа и примери од авторите кои припаѓаат на Југословенската збирка меѓу кои: Иван Ме штровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др. Оваа презентација и овозможи на публиката да се сретне со ликовните остварувања од првите самоуки сликари, академски образовани уметници, како и автори од поновите генерации.

Куратор на изложбата, Елена Иванова, кустос

Претставување на мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ од 59. Венециско биенале 2022, (“Landscape Experience”) во Чифте амам

По реализацијата на едно од најдобрите национални преставувања на 59-то издание на меѓународната ликовна изложба La Biennale di Venezia 2022, со проектот „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Националната галерија на Република Северна Македонија како координатор на проектот на 30 март го претстави истиот пред македонската јавност.

“Landscape Experience“ предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот. Овој мултинаративен транстактичен проект на тандемот Јанкулоски-Мотеска на критичко-дискурзивен начин укажува на опасностите што демнеат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, кои се и данок на капитализмот и политиките на власт, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски) за нечии идеали, во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.

Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ – Младенов

На 7 април 2023 се заокружи еколошкиот проект „Птици“, инклузивен проект во соработка со Зоолошката градина во Скопје и Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн. Со проектот традиционално го  одбележавме месецот на лицата со аутизам. Се одржаа работилници на кои учествуваа деца од повеќе училишта, на различна возраст, деца од редовна настава и деца со попреченост. Учество имаа учениците од ОУ „Невена Георгиева Дуња“, средното училиште „Цветан Димов“, „Св. Наум Охридски“ и студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн. Низ работилниците се развиваше еколошка свест кај најмладите, но и меѓусебно запознавање на едни со други. На 7ми април, изработените куќички за птици беа поставени на различни локации во Зоолошката градина.

Едукатор во проектот, Маја Димитрова

„Лавиринт на уметноста 2“ низ Постојаната поставка на Националната галерија во Даут пашин амам

Реализацијата на работилницата започна на 1ви Април 2023, а заврши на 18 мај 2023, Меѓународниот ден на музеите. Оваа музејска работилница имаше едукативен, истражувачки и награден концепт. Пред сите учесници беше поставена загатка, а одговорот се криеше низ уметничкиот лавиринт на Постојаната поставка на Националната галерија. Учениците, низ обиколка на нашата најзначајна збирка на уметнички дела, бараа одговори на поставените прашања. Целта на овие работилници е да учениците од основното образование, на оригинален и интерактивен начин, се запознаат со модерната македонска култура и ликовна уметност.

Едукатор на проектот, Ацо Таневски

14. Младински пролетен салон

Настан полн со убавина, дружење, забава, младост, музика и уметност! Се случи на 12 мај 2023, во нашиот објект Мала станица. Се работи за реномирана манифестација насловена како Младински пролетен салон. Изложба на ученички творби од средните училишта и факултети од Скопје, оваа година на тема „мртва природа“.

По 14-ти пат младите од Скопје и пошироко имаа ретка и одлична можност да изложуваат во просторот на најголемата музејско-галериска институција натпреварувајки се меѓу себе за престиж и епитетот најдобри. Овој епитет, оваа година го понесоа повторно учениците од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ од Скопје и студентите од Меѓународниот Балкански Универзитет исто од Скопје.

Едукатор на проектот, Ацо Таневски

Анета  Светиева – Промоција на монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторот Анета Светиева, Даут пашин амам, 19 мај  2023

Ликовното творештво на Анета Светиева

Слоевитоста на животот и комплексноста на творештвото на Анета Светиева, вкрстување на нејзините животни тешко проодливи патишта и ситуации со нејзиното дело, колку и да го отежнуваат нивното ткаење, беа и нејзината единствена вистинска патека кон духовната слобода, а со тоа и го овозможија и замавот за градење на еден специфичен и автентичен свет, со целосна предаденост на барањето на вистината и во животот и во творештвото: бескомпромисност во ставот кон вредносниот систем  и перманентно барање на универзалните вредности. Истрајноста во љубовта кон творештвото и кон земјата како материјал и како традиција, кон обликот што го создава без нагласено да се забележат нејзините немири и страдањата… се одразија во симболиката на изборот на митските суштества.

Ретроспективната изложба на Владимир Темков беше отворена на 31 мај 2023, во Чифте амам. Владимир Темков е присутен на македонската и тогашната југословенска ликовна сцена од 1980 година, и јубилејно одбележа 40 години од неговата прва самостојна изложба. Со текот на годините тој ги фиксира своите визуелни потраги. Создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност. Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврден ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување. Со идејата дека бојата ја претставува апотеозата на светлината, нашиот сликар ја гради од слика во слика, од циклус во циклус, својата сликарска поетика, во која примарна материја е бојата, како и енергијата што таа ја пренесува. Идејата што е стандардизирана содржи елементи на лирска оформеност, како и тактилност во постапката. Определеноста на Владимир Темков не произлегува од ликовно-стилски трендовски причини туку, пред сѐ, од нужноста на професионален однос кон работата, со креативни барања што му овозможиле да го заокружи сликарскиот циклус на просторни метафори како своевидни варијации на една тема.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски

На 19 јули 2023 година, во објектот Чифте амам,  беше отворена за јавност изложбата под наслов „75 / 75“. Со оваа изложба ги започнавме активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија. Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за нашата колекција, исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.

На изложбата „75 / 75“ беа претставени дела од следните автори: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и др.

Куратор, Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос

Средба со историјата: една слика – една приказна на Мирчо Матевски Рисимкин, Мала станица, 5 септември 2023

Да се зборува за оваа изложба, како и за севкупното творештво на  Мирчо Матевски Рисимкин, значи да се нурне во историјата, во наследството, во духовното.

Уште при првиот поглед на делата на Матевски Рисимкин се забележува неговата вљубеност во историјата. Уште од мал тој многу читал, растел со бајките и приказните. Сите негови дела се инспирирани од некој вистинит историски настан, јунак, личност, кои оставиле длабока трага во историјата. Трајко Матевски-Рисимкин, неговиот татко, бил главен инструктор за тепихарство во Македонија и работел во „Македонски фолклор“, така што своето детство Матевски Рисимкин го поминал покрај неговите шеми, нацрти и планови што ги подготвувал за изработка на теписи. Тајните на уметноста како да му биле предодредени во животот.

Куратор,  Александра Зиновски Вилиќ

Ветар параклет, самостојна изложба на Димитрие Дурацовски во Чифте амам

Посебно освежување на нашата галериска сцена беше ликовното творештво и пишаниот збор на Димитрие Дурацовски, сликар уметник, четири децении „сокриен“ од публиката со неговата особеност во ликовниот израз кој е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност.

Изложбата беше поставена во Чифте амам, а отворањето беше на 1 септември 2023. Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое што почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.

Димитрие Дурацовски како автор е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен но интелектуално љубопитен творец кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот тој ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор. Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото… Мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски

Симон Шемов „Мултиверзум“, 27 септември 2023 , Даут-пашин амам

Колосално претставување со најновиот опус од речиси 400 дела, каде се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес). Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови“.

Куратор, Ана Франговска

Уште еден грандиозен проект во низата, омаж посветен на Миле Корубин во рамките на програмата за одбележување на јубилејот – 75 години постоење. На 28 септември 2023 во објектот Чифте амам беше отворена ретроспективно-јубилејната изложба на Миле Корубин (1922-2000).

Миле Корубин − уметник со сопствена еволуција

„Секоја слика ја сметам за незавршена.

Нејзиното завршување се остварува во следната слика и така натаму.

И, можеби, сите тие слики заедно значат едно оформено уметничко дело.“

Миле Корубин

Јубилејните изложби на истакнатите македонски уметници што Националната галерија ги подготвува во континуитет многу често ја надминуваат рамката на формалното официјално одбележување, бидејќи истовремено овој тип изложби даваат и ретроспективен пресек, овозможувајќи потемелен увид во творештвото и развојниот пат на авторите. Оттука, секогаш настојуваме поставката да ја збогатиме и со дела кои ретко или воопшто не биле презентирани пред јавноста. И, секако, една од најважните компоненти е желбата да оствариме и едукативен импакт, со цел културната јавност да добие поширока перспектива за развојот на едно творештво, кое, од своја страна, во одреден историски период извршило влијание врз некои текови во македонската современа уметност.

Кураторки, Маја Неделкоска Брзанова и Маја Чанкуловска Михајловска

Наместо вовед, Митко Панов, Мала станица, 5 октомври 2023

Уште еден настан во богатата есенска уметничка понуда. Изложбата на Митко Панов е осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Всушност концептот е приказ на творештвото каде авторот е визуелен раскажувач, посветен на своето творештво, во истражувањето на нови изразни форми, каде прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концепт во уметноста. Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот кој го опкружува преплетено со неговата имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.

Куратор, Горанчо Ѓоргиевски

Колектив ЗЕРО, NOMEN EST OMEN, Мала станица, 12 октомври 2023

Во просториите на Мултимедијалниот центар Мала станица за љубителите на постмодерната уметност беше претставен  проект – инсталација во простор на  уметничката група Колектив ЗЕРО.

Колективот Ø во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција (неоекспресионизмот, поп-артот, стрипот, графитите итн.). Заедничкото цртање и сликање даде свежи и впечатливи примери на надреалистички “автоматски ракопис”. Во сликите и муралите остварија сложена и послободна експресивна и декоративна структура. Хибридните ликови, форми и знаци се колажно или монтажно поврзани на неочекуван и инвентивен начин. Колективот Ø  го помина патот од непризнавање (од т.н. “музејска критика”) до признавање од поширок круг публика и познавачи. За нив различноста значеше припадност кон една друга Европа – Une autre Europe, сознание добиено по 1990те години.

Проектот Nomen est Omen е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Република Северна Македонија и пошироко.

Куратор, Горанчо Ѓоргиевски

Градина, Ервин Ќатовиќ, Мала станица, 17 ноември 2023

Самостојната изложба на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ, насловена „Градина“, во Националната галерија за првпат ни го откри неговиот импозантен творечки опус. Лирскиот апстракционизам во комбинирана техника, преку наплив на колоритен израз, ни го фокусира погледот во длабочината на насликаното платно. Темата ни ја предава со композициско значење и живописно нѐ води во креативната сензација на реалниот свет. Формите во композициите се налик на емоционален или интинуитивен образец, со паралелна разновидност.

Куратор, Маја Крстевска

9 ноември 2023, Чифте амам, Томе Аџиевски, ONCE UPON A TIME IN THE EAST

Најновиот творечки циклус на Томе Аџиевски ONCE UPON A TIME IN THE EAST претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нивната уметничка револуција – како реакција на општествената револуција. Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку нео-авангардата, сеуште има реминисценции врз уметноста на современоста, т.е. уметноста која се создава денес, колку и навидум анахроно самата нео-авангарда да се перципира. Аџиевски „превзема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, нео-авангардата од 70-те, пост-модерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и  денес. Преку ваквата визуелна предлошка Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде гео-политички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на Источната традиција, а не слепо следење на Западниот глобализам на што сме сведоци децении наназад.

Куратор, Ана Франговска

10 ноември 2023, Даут пашин амам, Годишната изложба на основните училишта „Шемов и јас“

Творештвото на Симон Шемов беше одлична можност и нов предизвик за учениците. Сликар, графичар, еден од првите истражувачи на алтернативните насоки на уметност. Интересирањето за природните феномени е присутно во целата негова уметност, инсталациите, објектите, интервенциите во природен и урбан простор, а особено во делата од рачно изработена хартија. Во рамките на проектот, учениците имаа можност да го запознаат авторот лично и да поминат повеќе време заедно.

Едукатор, Маја Димитрова

Во првата половина на месец декември 2023, Чифте амам беше „МУЗЕЈ НА ДЕТСТВОТО“. Станува збор за самостојна изложба на ликовниот уметник и професор Ешреф Ќахили од Приштина, Косово. Изложбата „Музеј на детството“ опфати триесетина дела во техника масло на платно и комбинирана техника. Ќахили првпат изложува во Националната Галерија а овој проект е во рамките на билатералната културна размена меѓу Република Северна Македонија и Косово. 

Куратор, Маја Крстевска

„Од поинаков дискурс“ – Фауната од колекцијата на Националната галерија, Мала станица, 7 декември 2023

Проект кој го осмисливме со тенденција да ја иницираме желбата за промена и инвентивност и да се опробаме во неистражени домени, сижеа, медиуми, со цел да пристапиме кон поинакви, нови, видоизменети исчитувања, систематизации и класификации на културното богатство со кое располага Националната галерија. Воведувањето на надворешен „куратор“ кој не е од директна уметничка провиниенција, т.е. интелектуалец чии широки академски интереси индиректно ја вклучуваат визуелната уметност како писатели, философи, режисери, глумци итн. чиниме дека ќе понуди една поинаква пристапност, нестандардна тематика, специфичен паноптикум на гледање на методологиите во истражувањето или презентирањето на делата од нашата колекција. Поканетите куратори работат во тесна соработка со внатрешни куратори – кустоси во галеријата, и како резултат на нивната плодна работа ќе произлезат овие сесии на повеќегодишно осмислениот проект „Од поинаков дискурс“.

Целејќи дека ваквите перспективи на гледање на нештата „од поинаков дискурс“ ќе придонесат за нови сознанија и нови читања на историјата на уметноста, а истовреме ќе бидат интересни и за љубителите на уметноста, се радуваме на секоја нова можност за вадење на различни дела од нашите депоа, а со тоа и самите дела ќе ја продолжат својата главна намена – да комуницираат со нивните реципиенти и да соопштат одреден став.

Второто издание, „Фауната во колекцијата на Националната галерија“, е концепт кој го осмисли проф. Д-р Иван Џепароски и тој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.

Куратор, Ана Франговска

Лена Стефанова „110 години од раѓање“, 20 декември 2023 година, Чифте амам

Голем предизвик беше организирањето јубилејна изложба и одбележувањето 110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова. Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха. Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.

Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.

Кураторки на изложбата, Татјана Бундалевска и Елена Иванова

„Парче од себе“, инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 15 декември 2023, Мала станица

И оваа година ни беше забавно бидејќи имавме можност да научиме нешто ново. Децата влегоа во магичниот свет на мозаикот. Под менторство на наставникот Игор Китановски, тие од стари парчиња керамички плочки создаваа комплетно нови уникатни креации. Во текот на работилниците тие го учеа процесот на изработка. Се започна со скица, потоа коцкичките со различни бои и форми ги втиснуваа на сè уште свежото лепило и на крајот ги полираа. Со оглед на тоа дека мозаиците ќе бидат подарени на Зоолошката градина на Град Скопје, децата се потрудија мотивите да бидат токму од нејзините жители.

Едукатор, Маја Димитрова

21 декември 2023, Даут пашин амам, „Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“

Одбележувајќи го 90 годишниот јубилеј од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989), еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност, нашата цел е интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи кои ги сумираме на едно место, односно негово критичко и научно валоризирање како автор кој оставил свој специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Ристо Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и преку долгогодишната педагошка дејност.

Кураторки на изложбата, Маја Неделкоска – Брзанова и Маја Чанкуловска – Михајловска

Како последен, во 2023 година го реализиравме мултимедијалниот проект на авторите Дориан Јовановиќ и Стефан Шашков насловен „Капење“. Оваа инсталација на видеа и звук е поставена во просторот на Чифте амам на 27 декември 2023.

Куратор, Горанчо Ѓорѓиевски

Од вонпрограмските проекти ќе издвоиме само неколку:

Париски рефлексии 2, Чифте амам, 9 март 2023

Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата, со особено задоволство го реализира второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии“. Изложбата која го носи предзнакот 2, ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции. Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6та и 7та деценија на 20 век:  Вангел Коџоман, Василие Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија. Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија.

18 мај 2023 – Меѓународен ден на музеите

Националната галерија како дел од глобалната мрежа на музеи и галерии кои го одбележуваат 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите со добри вести се придружи кон одбележување на оваа манифестација!

Првата вест која ја споделивме е дека на 17 мај 2023 година МНК ИКОМ додели две значајни музејски награди на Националната галерија за 2022 година.

Првата награда која ја додели МНК ИКОМ на Националната галерија е МУЗЕЈ НА ГОДИНАТА, како резултат на богатата и квалитетна музејско-галериска програма на Галеријата во текот 2022. Оценките се за исклучителната видливост и препознатливост; инклузивност; работа со теми од особено значење за општеството: благосостојба, климатски промени, животна средина, одржливост. Проектите кои се причина за доделување на оваа награда, реализирани во минатата година се: Националното претставување на 59. Венециско биенале – „Пејзажно искуство“ на авторите Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, потоа ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, изложбата на Иванчо Талевски: „Пресек: Дама со девет камења“, претставувањето на меѓународно афирмираниот мултимедијален уметник Дриант Зенели со неговата „Трилогија: Под површината има уште една површина“, „Портретите на Илија Аџиевски“, Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски-Тофе, 30 години творештво на Нехат Беќири и од меѓународната соработка претставување на бугарската група XXL.

Втората награда со која се гордееме, МНК ИКОМ ја додели на кураторката Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија, за МУЗЕЈСКИ РАБОТНИК НА ГОДИНАТА. Наградата е резултат на нејзината посветеност и професионалност во музејско-галериската дејност!

Конференција за современа музејска едукација, Даут пашин амам, 30-31 мај 2023

Целта на конференцијата беше да ги собере националните и странските експерти за музејска едукација на дводневни обуки на персоналот, peer-to-peer, за современи теми во музејската едукација, како што се инклузивноста, образованието засновано на дијалог и ангажманот на публиката. Конференцијата, која се состоеше од предавања, работилници и панел-дискусии, беше насочена и кон сегашните и идните професионалци во музејската едукација, вклучително и едукатори, куратори, музејски водичи, но и професори и студенти по уметност и историја на уметност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни