223 годишна еволуција на велосипедите

Скоро три децении по формирањето на првиот велосипедски клуб во Битола, во кој членувале и познатите браќа Манаки, е издадена првата возачка дозвола за велосипед. Тоа се случило во 1935 година, а истата гласела на Константин Давков, своевремено познат трговец.

Како еден од најголемите проблеми во градовите е недоволно добро организираниот сообраќај, како јавниот така и индивидуалниот. Сведоци сме, но и директни учесници, на сообраќајниот метеж поради недоволниот број на паркинг места. Бројот на автомобили постојано се зголемува, а следствено на тоа и проблемите на градските улици и булевари.

Иако многу експерти работат на различни проекти со цел да се подобри состојбата во сообраќајот, сепак во пракса работите и не се менуваат така брзо. Сето тоа води во насока да размислуваме за алтернативни начини како да стигнеме до крајната дестинација без да користиме јавен превоз или автомобил. Во целиот сообраќаен хаос, се чини дека најлесниот и најбезболниот начин да стигнете до посакуваната дестинација е со велосипед или пак пеш.

Со доаѓањето на потоплиот период од годината можеби е вистинско време да го замените градскиот автобус или автомобил со поевтин, поздрав, па дури и во некои ситуациии побрз начин на транспорт – велосипедот.

Денес на улиците можат да се видат различни видови на велосипеди од оние градските па се до теренските за на планина. Главниот заеднички елемент на сите велосипеди е секако тркалото. Интересно е што првиот велосипед се појавил само пет илјади години по откривањето на тркалото. Така, потребни биле дури 5.000 години за технолошкиот дух на човештвото да дојде до идеја да создаде чудо за индивидуален транспорт.

Првите велосипеди и тоа како се разликувале од денешните. Не само што имале лоша конструкција туку биле неудобни и тешки за користење. Имале големо предно тркало, споредено со задното, а тоа кај некои луѓе создавало одбивност да го користат велосипедот за било која потреба.

Историјата на развојот на велосипедот започнува со еден француски пронаоѓач кој во 1790 година дошол до идеја да поврзе две тркала, едно до друго. Велосипедот го направил од дрво, а со обликот потсетувал на некое животно, како коњ. Неговиот изум прв го пробал грофот Маде де Сиврак. Морал да го движи со туркање со стапалата, бидејќи немал педали. Поради начинот на кој се движел првиот велосипед е наречен „велерифер“.

Првите велосипеди со педали и гуми на тркалата
Првиот понапреден модел е претставен во Париз во 1818 година кога Карл фон Дрес го претставил својот модел, но и тој не се многу разликувал од тоа што веќе било видено до тогаш. Во 1842 година, шкотскиот ковач Киркпатрик Мекмилан со својот иновативен пристап придонел за велосипедите да имаат педали.

Неговиот изум бил копиран кај други модели на тогашни велосипеди, но факт е дека г-дин Брунел изумот за прв пат го продал на производителот на велосипеди Michaux. Британскиот пронаоѓач Џон Бојд Данлоп пак е тој кој ја започнува ерата на усовршување на велосипедот. Тој прв дошол до идеја да ги обложи тркалата со гума за да се зголеми брзината со која ќе се движат велосипедите.

Како превозното средство на две тркала го доби своето име

Може да се каже дека велосипедот каков што го знаеме денес е создаден со комбинација на неколку пронајдоци на бројни иноватори. Зборот „бицикл“ (англиски: bicycle) првпат се појавил во англискиот печат во дневниот весник „Дејли њуз“ во 1868 година, со цел да ги опише „бициклите и трициклите“ на „Елисејските полиња и Боа де Булоњ“. Но некои факти говорат дека терминот е употребен и многу порано, односно во 1847 година во француска публикација за да опише неидентификувано возило на две тркала. Во Македонија пак според стандардниот македонски јазик се користи зборот велосипед, иако во секојдневниот говор се сретнува и изразот „точак“.

Првата велосипедска асоцијација
Првата велосипедска асоцијација е основана во 1878 година во Англија. ICA (Меѓународна велосипедска асоцијација) е формирана во Лондон во 1892 година, а во 1900 година е трансформирана во денешната UCI (Union Cycliste Internationale) – Меѓународната велосипедска унија.

Првото аматерско светско првенство се одржало во Чикаго во 1893 година, а професионалното светско првенство се одржува две години подоцна односно во 1895 година. Веќе на првите Олимписки игри во 1896 година, на програмата се најде и велосипедизмот како дисциплина. Меѓу многуте велосипедски натпревари, еден од најстарите (1903) и најголем е Тур де Франс, етапна трка низ Франција, основана од спортскиот новинар Анри Дегранж.

Во минатиот век, некои луѓе беа толку фасцинирани од велосипедот и визијата за нови превозни средства што едноставно ги тераше да размислуваат дали овој нов пронајдок е решение за пробивање низ градскиот сообраќаен метеж. Така, во Франција во 1888 година се одржала необична трка меѓу коњаници, велосипедисти и ловечки кучиња. Ловечките кучиња иако на стартот ја предводеле трката, а тука некаде со нив биле и јавачите на коњи, сепак на крајната цел први пристигнале велосипедистите. Се разбира и тогаш како и во денешно време постоеле скептици кои со неверување гледале на велосипедот како изум и го сметале како вознемирувачка појава за пешаците.

Модерниот велосипед содржи бројни елементи кои го прават возењето поудобно и побезбедно. Велосипедизмот денес е популарен како спорт, а многумина се занимаваат и рекреативно, но сè поголем е бројот на оние кои го користат како превозно средство, се разбира на пократки релации. Како што се зголемува бројот на велосипедисти во градскиот сообраќај така расте и потребата од соодветна сообраќајна инфраструктура.

Користењето велосипед не само што позитивно влијае на намалувањето на сообраќајниот метеж туку придонесува и за поздрава животна средина, намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Наместо да се „јадете“ заробени во една од неподвижните колони во градот, завртете ги педалите. Помалку ќе го загадувате воздухот што го дишете, нема да ја „билдате“ гужвата во градот што ве нервира, побрзо ќе стигнете кога ви се брза, а за здравствените придобивки скори и да нема потреба да се зборува.

Дали не го користиме доволно велосипедот како превозно средство поради недостаток на велосипедски патеки или патеките не се изградени затоа што никој не вози велосипед е тешко прашање. Меѓутоа, ако повеќе од нас користат велосипеди за секојдневен превоз, можеби градските власти ќе почнат да размислуваат за изградба на нови велосипедски патеки.

Пред еден век за да возите велосипед во Македонија ви требала возачка дозвола

Првите велосипеди во Македонија се претпоставува дека се појавиле исто така во 19 век. Според некои пишани документи првиот велосипедски клуб во Македонија е формиран во Битола пред околу 120 години, односно во 1906 година. Сепак не секој кој имал и можел да си дозволи велосипед во тоа време можел и да го вози.

Скоро три децении по формирањето на првиот велосипедски клуб во Битола, во кој членувале и познатите браќа Манаки, е издадена првата возачка дозвола за велосипед. Тоа се случило во 1935 година, а истата гласела на Константин Давков, своевремено познат трговец.

Во Битола во 1906 година е формиран еден од првите велосипедски клубови во Македонија, наречен „Спорт“

223 годишна еволуција на велосипедите
Велосипедот е изложен на постојано приспособување и унапредување уште од своето зачнување. Овие пронајдоци продолжуваат со појавата на модерните материјали и компјутерски потпомогнатото дизајнирање, овозможувајќи појава на посебни видови велосипеди. Денес постојат т.н електрични велосипеди кои можат да развијат неверојатно голема брзина и за кратко време да стигнете таму каде што сте тргнале.

Канадската компанија Дост одлучи да развие електричен велосипед кој не само што ќе се користи за кратки градски патувања, туку и ќе може да ги замени автомобилите во одредени ситуации. Нивниот најнов е-велосипед, наречен Crate, е дизајниран со идеја да се користи како товарно електрично возило на две тркала, кое може да превезе едно лице со просечна тежина од околу 70 килограми до растојание од 200 километри, со еден полнење на двојната батерија.

Овој електричен велосипед ќе работи на 750W Bafang M600 погон кој произведува вртежен момент до 92 lb-ft (125 Nm). Возачите можат да избираат помеѓу пет различни режими на движење, контролирани од сензорот за вртежен момент. Тоа не е единствениот начин на контролирање на брзината. Велосипедистот ќе може и директно да ја приспособи моќноста на моторот преку ротационата гас рачка поставена на кормилата. Стандардна литиумска батерија е позиционирана во долната рамка на велосипедот. Во тој дел е оставен и простор за дополнителна батерија со која ќе се зголеми вкупниот капацитет на 1200 Wh и 25 Ah. Од компанијата Дост велат дека велосипедот може да превезува возач и две мали деца или возач и еден возрасен, што значи дека може да превезе две возрасни лица и едно мало дете.

Светски ден на велосипедот
Генералното собрание на ООН во април 2018 година, го прогласи 3 јуни за Светски ден на велосипедот. Целта е да се посвети внимание на велосипедите во стратегиите за развој и нивно вклучување во меѓународните, регионалните, националните и локалните развојни политики и програми.

Во 2020 година, обележана со пандемија на коронавирус, велосипедот, како и во случај на претходни различни природни непогоди и економски кризи, уште еднаш покажа колку е прилагодлив и ефикасно средство за превоз и мора да биде неопходен дел од транспортните политики на иднината.

СЗО за возењето велосипед
Светската здравствена организација препорачува минимум 150 минути умерена физичка активност во текот на неделата. Возејќи велосипед, лесно можеме да ја постигнеме и надминеме ваквата граница.

Сепак некои од поважните здравствени придобивки од возењето велосипед се:

-Возењето велосипед го намалува стресот
-Возењето велосипед е добро за срцето
-Велосипедот ќе ги натера вашите деца да излезат надвор
-Возењето велосипед ви помага да ја запознаете околината
-Возењето велосипед ѝм помага на децата да се фокусираат на училиште
-Возењето велосипед е добро за планетата

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни