Вкупно 220 лица се евакуирани во Кичево поради поплави предизвикани од обилните врнежи од дожд, додека во Гостивар и повеќе региони низ земјата се пријавени поплавени куќи и земјоделски површини.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најкритична состојба е регистрирана во селото Форино, кое е најпогодено од поплавите. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата Прилепска е регистрирано најголемо поплавување на куќи. Евакуирани се 220 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Заезерувања се пријавени и на улицата 29 Ноември во населбата Подварош, каде се поплавени подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево.
За загрозените лица е организирана достава на храна и вода со поддршка на Црвениот крст, а на терен се ангажирани екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае се поплавени земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, но засега нема пријавени материјални штети. Поплавени површини се евидентирани и во селото Оризаре. Во Куманово, кај мостот на Кумановска Река на локацијата Шупли Камен во селото Доброшане, има насобрани пластични шишиња, но нема опасност од излевање.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата се следи, додека во Општина Зелениково е регистрирано минимално излевање на Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, нема пријавени штети од врнежите. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово, за што се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, има прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол. Екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Надлежните служби продолжуваат со мониторинг на состојбата на терен и со интервенции во погодените подрачја.