Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2025 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), ја направи првата селекција, избирајќи 22 од 46-те пристигнати наслови на годинашниот конкурс.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Како што е предвидено, жири-комисијата ќе го соопшти насловот на наградениот роман и името на авторот на прес-конференција што ќе се одржи на 13 март во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.