Најмалку 22 Палестинци се убиени во саботата во серија израелски воздушни напади кои погодија куќи и цивилно возило во повеќе области на Појасот Газа, и покрај прекинот на огнот што е на сила од 10 октомври, јавуваат агенциите.
Портпаролот на Граѓанската заштита на Газа, Махмуд Басал, соопшти дека меѓу загинатите има жени, деца и постари лица, додавајќи дека некои од зградите се целосно уништени. Според него, пет лица загинале кога израелски дрон погодил цивилно возило во близина на раскрсницата Абас во градот Газа.
Во истиот град, четворица Палестинци биле убиени во напад врз куќа на улицата Ал-Лабабиди, а во западниот Деир ал-Балах во централна Газа две лица загинале по удар врз дом во близина на џамијата Билал бин Рабах. Тројца жители починале кога проектил погодил куќа покрај болницата Ал-Авда во кампот Нусеират, додека седуммина биле убиени во друг напад врз куќа во Камп 2 во истото населено место.
Израелските сили раниле најмалку тројца Палестинци во близина на камповите Ал-Буреј и Џабалија, потврдија лекарите. Израелската војска во соопштение тврди дека „елиминирала“ вооружен напаѓач кој, според нив, ја преминал „жолтата линија“.
Нападите продолжиле и на зори, кога израелските сили ги гаѓале областите источно од Ал-Буреј, Деир ал-Балах, источен Рафах и Кан Јунис, како и делови од населбите Туфах и Шуџаија во источен Газа. Сведоци велат дека војската рушела станбени објекти и детонирала возила во зоните што Израел ги држи под контрола.
Слични напади, придружени со артилериско гранатирање и повремена стрелба, биле забележани и во петокот во Кан Јунис, во градот Газа и во бегалските кампови Буреј и Џабалија.
Израел и понатаму држи повеќе од половина од Појасот Газа во рамките на „жолтата зона“, која ги раздвојува окупираните подрачја од густо населените палестински делови. Последните недели е забележлива нова ескалација на нападите источно од таа линија, што дополнително ги загрозува цивилите.
Од октомври 2023 година, израелската офанзива во Газа резултирала со смрт на речиси 70.000 луѓе, најголем дел жени и деца, и повредени повеќе од 170.800 лица, додека поголемиот дел од енклавата е претворен во урнатини. Прекинот на огнот што е формално на сила од 10 октомври повеќепати е прекршен.
