2025 година на пат да стане една од најтоплите години во последните осум децении

2025 година сè уште не е завршена, но веќе се запишува во климатските извештаи како една од најтоплите во современата историја.

Новиот месечен извештај на Службата за климатски промени „Коперник“ покажува дека октомври бил трет најтопол откако постојат мерења – уште една потврда за забрзаниот пораст на глобалните температури. Но многу поголемо внимание привлечоа проекциите за целата година, кои, според Klima101, не оставаат многу простор за оптимизам: 2025 е на пат да стане втора или трета најтопла година во последните 85 години.

Саманта Бергес од Европскиот центар за среднорочна прогнозa вели дека речиси е извесно дека 2025 ќе се најде во „топ три“. Според неа, последните три години – 2023, 2024 и 2025 – го создаваат најтоплиот трогодишен период досега, со просек кој многу веројатно ќе ја надмине чувствителната граница од 1,5 °C над прединдустриското ниво.

Овој праг, клучен дел од Парискиот договор, долго време се смета за граница што ја дели „подносливата“ иднина од свет во кој температурните екстреми стануваат неизбежни. Оваа година веројатно нема да ја надмине долната граница од 1,5 °C сама по себе, но според досегашните мерења од првите десет месеци, ќе биде опасно блиску до неа. Сепак, вистинската закана се крие во трендот – а трендот е јасен: многу скоро, веројатно во следните десетина години, светот ќе го надмине ова ниво на затоплување.

Фактот дека веќе живееме во „деката на пробивањето“ го нагласува Бергес: „Темпото на климатските промени се забрзува, а потребата од акција е итна.“

Година обоена со рекорди

Климатската приказна за 2025 започна уште во јануари – најтоплиот јануари некогаш забележан, цели 1,75 °C над прединдустриската нормала. По него следеше низа од месеци кои, иако не ги урнаа сопствените рекорди од минатите години, се „засилија“ на второто и третото место меѓу најтоплите во историјата.

Така, месец по месец, годинава се движи по јасна траекторија: 2025 речиси сигурно ќе застане рамо до рамо со 2023 како втора најтопла година, а зад апсолутната „лидерка“ – 2024, која беше за 1,6 °C потопла од прединдустрискиот период и прва што ја надмина границата од 1,5 °C на годишно ниво.

Оваа низа од рекорди не е случајност, туку симптом. Последиците се веќе тука – почести и поинтензивни топлотни бранови, поразорни бури, долготрајни суши, нагли поплави и нарушени екосистеми ширум планетата.

Декадата во која се одлучува иднината

Додека климатските научници ги финализираат анализите, а „Коперник“ ги споделува своите проекции, светските лидери се собраа во Белем на триесеттиот Климатски самит. Во тек е уште еден обид да се демонстрира политичка волја за намалување на емисиите, забрзување на транзицијата кон обновливи извори и исполнување на обврските од Парискиот договор.

Научните податоци се јасни, а времето за двоумење изминува. Доколку глобалната заедница не преземе решителни и брзи чекори, денешните проекции за „втора или трета најтопла година“ ќе станат само вовед во нова, многу пострашна нормалност.

2025 можеби нема да биде најтоплата – но ќе биде уште еден аларм кој не смее да остане незабележан.

Извор: Danas.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни