Јубилејното 20. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ се одржува во Струмица од 4 до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, со разновидна и интересна програмска селекција.
Oваа година лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски, соопштија организаторите.
Добитник на почесното признание на „Астерфест“ за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукцијата е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентката на Кен Лоуч.
Добитник, пак, на специјалната награда, плакета на „Астерфест“ за долгогодишни врвни актерски остварувања во македонскиот и балканскиот филм е еден од најмаркантните наши актери, Емил Рубен.
На отворањето се случи македонската премиера на краткометражниот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам и на „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, добитник на БАФТА.
Во официјалната натпреварувачка селекција на „Астерфест“ ќе се прикажат американските „Не стравувај од самиот страв“ на Даун Вестлејк и „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ, францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадуни и Софијан Шуеб, холандско-белгискиот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам чијшто копродуцент е трикратниот оскаровец Ким Магнусон, кој лани беше во Струмица, црногорскиот „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, кинескиот „Меуресто сеќавање“ на Мингвеј Ма и Џјиаји Кристина Фу, шкотско-полскиот добитник на БАФТА „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, белгискиот „Петок, 1 јули“ на Сара Ледерман, хрватскиот „Самотија“ на Боби Грубиќ по сценарио на Миро Гавран, полскиот „Секој има убиено некого“ на Ангелика Цигал, француско-полскиот „Сок од портокал“ на Александар Атане, рускиот „Темната шума“ на Татјана Петрова, швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов, холандскиот „Ќелиски другари“ на Меле Виндиг и група коавтори, шпанскиот „Умирање“ на Хесус Мартинес „Нота“, како и македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски.
Поголемиот број селектирани странски филмови се прикажуваат премиерно во Македонија, некои се светски, интернационални или балкански премиери, а некои филмови ги потпишуваат режисерски имиња кои веќе се претставиле на „Астерфест“ и кои тукашната публика ги препознава како референтни автори.
За Гран прито, за Златната, Сребрената и Бронзената потковица, како и за наградите за најдобар режисер „Ацо Алексов“ и најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“, ќе одлучува жирито во состав на филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов.
Вечерните проекции ќе се одвиваат во Амфитеатарот во Градскиот парк во Струмица, а доколку заврне, алтернативен простор е НУЦК „Антон Панов“.