20 години награда Денес, изложба на добитниците

Во четврток на 14 септември 2023 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи изложбата на тројцата добитници на наградата Денес 2023 – Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Бурџу Мусли, документарна изложба за наградата Денес и церемонија по повод јубилејот.

Одбележувањето на 20 години од наградата Денес ги слави ретките појави во уметноста што поттикнаа поинакви насоки на уметничко размислување. Еднаквоста, антирасизмот, антинационализмот, одржливоста се клучните тенденции за преформулирање на современото општество и уметност, а со тоа и на наградата Денес.

Таа повторно ги враќа на некој начин истите параметри од нејзиниот зачеток – ќе се доделува на годишно ниво на три уметнички практики што подразбираат критичко и естетско промислување на општествените и културните состојби, а оваа „нова агора“ нека нè потсети за неопходните еднакви можности што се во основата на демократијата.

Наградата Денес за млад визуелен/а уметник/чка до 35 години е платформа од единствен вид во земјава што во текот на дваесет години континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата. Таа е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално по првпат доделена во 2003 година. Многу години, организацијата на наградата со сите домашни настани беа финансиски помогнати од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, додека за престојот во САД беше Trust For Mutual Understanding New York. Намерата на наградата Денес е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни