Меѓународниот ден на месечината (IMD) беше прогласен на 9 декември 2021 година од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во резолуцијата A/RES/76/76, врз основа на препорака на Комитетот за мирно користење на вселената. Овој комеморативен ден ќе се одбележува секоја година на 20 јули.
20 јули е избран за Меѓународен ден на Месечината во чест на годишнината од првото слетување на луѓето на Месечината, со мисијата Аполо 11, кога Нил Армстронг и Едвин „Баз“ Олдрин стапнаа на површината на Месечината како први луѓе, додека Мајкл Колинс го чекаше нивното враќање во Командниот модул Колумбија во орбитата на Месечината. Ова означи историски подвиг во истражувањето на Месечината и го отвори патот за идни истражувања и откритија.
Меѓународниот ден на месечината беше прогласен за да ги прослави достигнувањата на сите држави во истражувањето на Месечината. Дополнително, има за цел да ја подигне јавната свест за одржливо истражување и искористување на Месечината.
Сите земји-членки на Обединетите нации и други меѓународни и регионални организации, како и граѓанското општество, вклучително и невладини организации и поединци го одбележауваат Меѓународниот ден на месечината.
Со илјадници години, човечките цивилизации гледаат кон небото размислувајќи за потеклото и мистериите на Месечината – нашиот единствен природен сателит. Набљудувањата базирани на земја, овозможени со пронајдокот на првите телескопи, отворија ново поглавје во нашето разбирање за нашиот небесен придружник.
Со раѓањето на вселенските активности, Месечината стана крајна дестинација на безброј мисии, вклучително и летови со екипаж кои ги донесоа првите човечки отпечатоци на друго место во универзумот.
Додека напорите за истражување на Месечината продолжуваат да се обликуваат со амбициозни планови, оваа глобална прослава ќе служи не само како потсетник за успехот во минатото, туку и како годишно сведоштво за идните напори.