Руската влада ќе бара апликацијата за пораки Max да биде претходно инсталирана на сите телефони и таблети што се продаваат во Русија. Според официјалното соопштение од четврток, Max ќе биде инсталирана на уредите почнувајќи од 1 септември. Апликацијата RuStore, руски конкурент на App Store на Apple, исто така ќе биде претходно инсталирана на iPhone-ите.
Покрај тоа, од 1 јануари, апликацијата Lime HD TV, која овозможува бесплатен пристап до руските државни телевизиски канали, ќе биде автоматски инсталирана на сите паметни телевизори. Max беше лансиран во март од групата за социјални медиуми VK, која е блиска до државните власти, како замена за VK Messenger, кој е на владината листа на задолжителни апликации од 2023 година.
Макс веќе има 18 милиони регистрирани корисници
Новата апликација им овозможува на корисниците да испраќаат пораки, да остваруваат аудио и видео повици и да испраќаат пари, а се планирани и дополнителни функции. Тие ќе вклучуваат интеграција со апликација за резервација на патувања, соопшти VK во својот последен финансиски извештај.
Откако е лансиран Max, се регистрирале околу 18 милиони луѓе. Max е сличен на исклучително успешната кинеска апликација WeChat, која им обезбедува на корисниците платформа за пораки, објавување на социјалните медиуми, како и плаќања и резервации. Активноста на корисниците на WeChat е веројатно под силен државен надзор, објави CNN .
Во исто време, Русија презеде чекори за ограничување на користењето на некои странски услуги за пораки. Русија веќе ги забрани Фејсбук, Инстаграм и X. А неодамна, медиумскиот регулатор на земјата објави ограничувања за гласовни повици преку WhatsApp и Telegram „за да се справи со криминалците“.
„Русите што ги малтретираат ќе се префрлат од WhatsApp на Max“
WhatsApp, пак, ја обвини Русија дека се обидува да го блокира пристапот до апликацијата за своите 100 милиони руски корисници. За разлика од Max, WhatsApp и Telegram обезбедуваат целосно енкриптирана комуникација, што им оневозможува на трети страни пристап до податоците на корисниците.
„Русија се обидува да го направи користењето на странски апликации што е можно понепријатно“, истакна во јули Анастасија Крупе, истражувач во „Хјуман рајтс воч“: „Ова, заедно со активната државна промоција на руските алтернативи, принуди сè поголем број корисници да се префрлат на руски прелистувачи и социјални мрежи“.
Слично на тоа, Андреј Солдатов и Ирина Бороган, соработници во Центарот за анализа на европски политики со седиште во Вашингтон, минатиот месец напишаа дека „систематскиот напад“ врз WhatsApp е дел од напорите на Кремљ „да ги малтретира Русите да се префрлат од WhatsApp на Max“. „Оваа политика веројатно ќе успее, особено ако населението остане без избор“, додадоа Солдатов и Бороган.
За многумина, сето ова потсетува на ремек делото на Џорџ Орвел „1984“ каде преку модифицирани ТВ приемници наречени „телекрани“ Големиот вожд имал увид во домовите на граѓаните.