17 години пркос и независна култура: БОШ Фестивал следен викенд во Гевгелија

Фестивалот е посветен на драгиот пријател – актерот и поет Бошко Бозаџиевски, за кого сеќавањата остануваат со континуираната работа на изданијата низ годините, oд мала дружина која низ годините не го згасна ентузијазмот за нешто поинакво, кое се бори за децентрализацијата на културата во земјата и работи на градење настани, вмрежувања, дружби, вмрежувања, музика, изложби.

БОШ Фестивал кој веќе е добро познат на македонската независна сцена оваа година прославува 17 години со ново издание кое се случува викендов во Гевгелија. Како пример за настан со културна програма која активно придонесува кон децентрализира, оваа мултимедијална платформа е повеќе од неколкудневен фестивал. Тој го преиспитува јавниот простор и го истражува неговиот потенцијал, дава шанса за критичко промислување на културата кое повикува на промени.

Годинешното издание се случува на 29 и 30 август, а тоа, како и сите други години ќе се одвива со желбата и идејата за слободни простори кои се заземаат преку квалитет, преку уметност и преку неконвенционалност. За него, директорката на фестивалот која е една од основачите кои годините посветено работат на него, Марија Стојанова, вели:

„ Кога станува збор за упорноста, истрајноста и посветеноста на организаторите и нашите пријатели околу фестивалот, пркосот и инаетот за овој фестивал да опстои толку години, во услови каде што независната култура често се смета за „бош работа“, фестивалот го докажува спротивното – дека со доследност, работа и верба во идејата може да се изгради трајна сцена и простор за слободно уметничко изразување. Сепак 17 години не се мала работа, конкретно јас пораснав со овој фестивал, а исто така и многу луѓе приврзаници за фестивалот.“

Фотографии: ФБ профил на фестивалот

Фестивалот е посветен на драгиот пријател – актерот и поет Бошко Бозаџиевски, за кого сеќавањата остануваат со континуираната работа на изданијата низ годините, oд мала дружина која низ годините не го згасна ентузијазмот за нешто поинакво, кое се бори за децентрализацијата на културата во земјата и работи на градење настани, вмрежувања, дружби, вмрежувања, музика, изложби. Првото издание е одржано во 2009 и до денес, со истиот ентузијазам и желба ги повикува сите вљубеници во уметноста и културата да се упатат кон Гевгелија.

Ова издание на фестивалот ќе биде исполнето со различни типови на содржи како изложби, музички концерти, работилници, интердисциплинарни настани со гости од земјава и странство. Издавачката куќа Илика ќе има поетско читање, уметникот Сали Ертунч ќе има промоција на ,,На пример“, гостуваат Арт Еквилибриум, Партизанска Штампа, Наташа Гелева, бендот Искра, Јелена Белиќ, Матријаршија, Јован Гаковски, Теодора Стварова, Аџамија, Уна Николовска, Стефан Божиновски, Сара Богоева како и уметници од Грција и Шведска.

Програмата годинава ќе претстави и изложба на цртежи и инсталација од Марија С. Богдановска на првиот ден на фестивалот од 20 часот, изложба на фотографии од Столе Ангелов, видео-арт од Јован Гаковски, изложбен салон на уметнички книги, филмски проекции и колажирање. Неодминлив дел од фестивалската дружба останува на концертите во живо и музичките сетови.

Важен дел од фестивал ќе биде ФИЈУК – меѓународниот саем за независно издаваштво на графика, музика и литература кој започнува на 28 август пред Домот на културата во Гевгелија, со продукции од Грција, Шведска, Србија и Турција. Визуелното издание оваа година го изработи Иван Кал’чев, а како најава за фестивалот се случија неколку настани како предвесници.

Марија, во поглед на организирањето на фестивалот и она што го прави неговиот дух додава: „Посебно се омилени оние моменти кога со минимални средства или без воопшто, организаторите, уметниците, пријателите и публиката – заедно го градеа просторот, делеа поддршка и ја докажуваа моќта на колективниот дух. “

На неа, се надоврзува и Стефан Алиевиќ, писател и долгогодишен соработник, за кого фестивалот е последниот браник на независната култура пред кичот и тривијалната култура. Тој смета дека нема доволно вакви иницијативи, настани и места низ државата, а за оние што постојат како Бош, треба навистина да се грижиме. Додава дека е за поздрав неговото долгогодишно опстојување, и дека овој уметнички простор и иницијатива е тука да понуди свежи содржини, перспективи и светови, преку кои се шират и пријателства за време на фестивалските денови.

Ова издание на БОШ Фестивал во најава е уште еден показател од потребата за поддршка на независната културна сцена и нејзиниот потенцијал да прерасне во еден од главните стожери на интелектуална и емотивна сила на заедницата. Низ бројни активности и уметничка програма, организаторите ги очекуваат сите да се придружат на настаните на 29 и 30 август во Гевгелија и да бидат дел од развојот на независната култура која мора да се шири низ земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни