Зад шанкот вчера не се мереше само кој знае да направи добар коктел, туку и кој има техника, брзина, нерви и чувство за вкус. На 17-тото државно првенство на бармени, што се одржа во Скопје во организација на Здружението на бармени на Македонија, 28 натпреварувачи ги одмерија силите низ повеќе рунди, а секоја од нив бараше поинаков вид вештина.
Натпреварот почна со квалификации, продолжи со полуфинале и заврши со финале, но вистинската тензија се чувствуваше во секој дел од настапите. На почетокот секој натпреварувач имаше своја рунда со подготовка на коктели, каде што сам избираше што ќе прави и на кој начин ќе го претстави својот стил. Но, освен креативноста, се оценуваа и брзината, професионалноста, техниката на работа, декорацијата и, секако, вкусот.

Посебен предизвик беше и рундата со шотови, во која натпреварувачите требаше да препознаат за каков вид алкохол станува збор. Таму веќе не помага само рутина, туку и искуство, меморија на вкус и сигурност под притисок.
На натпреварот разговаравме со Сања и Антонио од Jazzbina, млади професионалци кои низ смеа и искрено ни доловија како изгледа подготовката за еден ваков настап, од вежбањето и тремата до моментот кога сè треба да делува лесно и сигурно зад барот.

За Сања ова не беше прво вакво искуство. Таа вели дека натпреварите секогаш носат нов предизвик, но и ново учење.
„Не ми е прв натпревар, но и понатаму е многу предизвикувачки, а секојпат се учат и многу нови работи. Најголем предизвик ми е кога ќе добијам состојка што никогаш претходно не сум ја пробала“, вели таа.
Сања додава дека миксањето не е само работа, туку уметност што постојано се надградува. Таа вели дека зборот „бармен“ воопшто не ѝ пречи, бидејќи така е именуван занаетот, без разлика дали станува збор за маж или жена.
Во нашиот разговор, таа истакна дека натпреварите и работата надвор од матичната средина не носат само искуство, туку и нови познанства, свежи идеи и поинакви техники на работа.
„Кога одиме на шифтови и натпревари надвор, се создаваат нови познанства, а дефинитивно се учат и нови техники и идеи за работа“, вели Сања.
Антонио, пак, на натпреварот настапи за првпат, па токму затоа целиот настап за него бил уште поголем предизвик. „Ова ми е прв настап, па затоа сè ми е уште попредизвикувачко, но воедно ми е и чест што знам дека имам добра конкуренција. Задоволен сум од целата организација“.
„Занаетот го носам од Битола, од Јагода и од мојот ментор Стефче Чупоно. Токму од него дојдоа и желбата и инспирацијата да продолжам по овој пат“, вели тој.
Колку подготовка бара еден ваков настап, според него, најмногу зависи од самиот предизвик што ќе го добијат натпреварувачите.
„Сè зависи од тоа каков предизвик ќе добиеме. Ако станува збор за домашна состојка, тогаш се подготвуваме многу повеќе. Ако, пак, се работи за веќе познати коктели и класици зад бар, подготовката е пократка“.



Во финалето влегоа Теа Николиќ, Васил Пеевски, Никола Анастасијески и Бојан Михајловски, а победата ја однесе Васил Пеевски. Токму тој ќе ја претставува Македонија на Светското првенство на бармени, кое ќе се одржи во октомври во Макао.
Втор беше Бојан Михајловски а третото место го освои Никола Анастасијески. Наградата за најдобра техника ја освои Филип Марковски а наградата за најатрактивен коктел и припадна на Сања Дракулиќ.
Овој натпревар уште еднаш покажа дека зад добриот коктел не стои само рецепт. Стојат знаење, дисциплина, осет, брза мисла и многу работа што публиката не ја гледа веднаш. А кога сето тоа ќе се спои со сцена, трема и конкуренција, миксањето навистина станува и повеќе од уметност.