ЈУ. Детскиот културен центар „Карпош” на 19 и 20 мај го организира 16-то издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло”.
Фестивалот „Тремоло“ кој минатата година го прослави своето 15-то јубилејно издание претставува спектакуларен културен настан кој ги обединува љубителите на класичната гитара, студентите и професорите од Скопје, од државата, но и од светот. Во текот на изминатите 15 години овој единствен фестивал во нашата земја, прерасна во престижен културен настан кој сведочи за присуството и појавата на сé поголем број светски познати уметници специјализирани за класична гитара.
Во текот на изминатите години со учество на голем број еминентни солисти, педагози и светски познати уметници од областа на класичната гитара, придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност.
На „Тремоло“ оваа година скопската публика ќе може да ужива во две концертни вечери на кои ќе настапат странски светски познати гитаристи.
Првиот концерт ќе се одржи на 19 мај во Музејот на македонската борба од 19.30 часот на кој ќе настапи Павле Филиповиќ од Србија, а вистински музички спектакл ја очекува скопската публика со гостите од Шпанија, Хиспана-фламенко вечер, концерт кој ќе се одржи на 20 мај од 19:30 часот во Националната филхармонија. Покрај двете концертни вечери, во текот на овој музички фестивал ќе се одржат и мастер часови и работилници од областа на класичната гитара.
Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло” е под покровителство на Град Скопје.
Влезот за концертите е слободен.