Со ѕвездено небо и 16 минути молк граѓаните на градскиот плоштад во Скопје изразија почит за 59те жртви кои на 16 март ги загубија своите животи во трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.
На плоштадот Македонија во Скопје граѓаните пуштија црни балони кон небото, а тоа што го одбележа протестот беше тишината и потиштеноста на присутните.

Собирот беше организиран од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ која ги организираше протестите за правда на Фросина. Тие ги повикаа граѓаните на плоштадите во сите градови во земјава, за со заедништво да се оддаде почит на жртвите од Кочани.
Според најавите на организаторот, денешните собири беа организирани на плоштадите, за да не се блокираат улиците додека се уште се превезуваат повредените низ болниците, но најавија дека ќе дојде време за протести на улици.

Илјадниците граѓани на плоштадот во Скопје носеа транспаренти во кои ја обвинуваа корупцијата за жрвите.


