„16 март“ и „Кој е следен“ со протестен марш на 15 ноември во Скопје

Ве повикуваме во сабота масовно да излеземе на скопските улици. Да се погледнеме. Да се запознаеме. Да не чуете одблизу. Без посредници, без извртувања, без лагите и манипулациите кои се обидуваат да не поделат и претстават во лажно светло. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено нешто што остана на овој свет е борбата за правда, а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка

Здруженијата на граѓани „16 март“ и „Кој е следен“ најавија марш кој ќе се одржи на 15 ноември во Скопје. Како што објавија на социјалните мрежи маршот ќе почне на Плоштад Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд.

„Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка. Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тој топол априлски ден чекоревме сами, додека градот молчеше. Баравме институциите да нe видат и да нe сослушаат, а добивме само празни ветувања и лажна емпатија“, се вели во нивната објава. „Од тогаш до денес марширајќи триесет пати во Кочани, не застанавме. Но тоа не е доволно“.

Тие упатија повик до сите граѓани да им се придружат.

„Ве повикуваме во сабота масовно да излеземе на скопските улици. Да се погледнеме. Да се запознаеме. Да не чуете одблизу. Без посредници, без извртувања, без лагите и манипулациите кои се обидуваат да не поделат и претстават во лажно светло. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено нешто што остана на овој свет е борбата за правда, а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка“, порачуваат граѓаните од двете здруженија.

Тие велат дека се свесни дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, велат, „ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот“.

„Веруваме дека Македонија има совест. Дека знаеме да се сплотиме кога најмногу боли. И дека сме подготвени, заедно, да се исправиме против најголемото зло, корупцијата што им го одзеде животот на нашите деца. Се гледаме на маршот!“, нагласуваат од здруженијата на граѓани „16 март“ и „Кој е следен“ кои најавија марш кој ќе се одржи на 15 ноември во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни