Велат, секое патување од илјадници километри започнува со само еден чекор. Со толкава брзина се движела првата парна локомотива од 1814 година на англискиот инженер Џорџ Стивенсон. По 59 години од тогаш во Македонија, поточно во 1873 година, во должина од 243 километри, е изградена првата железничката пруга по која се движеле возовите на линија Солун – Скопје – Митровица. Денес во 2023 година, точно век и половина од тогаш, во главниот град со две музејски поставки е прикажан времепловот од 150 години на Македонски железници.
Едната е лоцирана на просторот каде што денес е сместен Музејот на град Скопје. Другиот дел од приказната за 150 години Македонски железници, преку експонати, документи и фотографии е раскажан во просториите на денешната Скопската железничка станица, дел од транспортниот центар проектиран од јапонскиот архитект и урбанист Кензо Танге.
За да му се радувате на успехот, сетете се на почетокот
По повод одбележувањето на 150 години Македонски железници, во Музеј на град Скопје е поставена изложбата „Добредојде во Скопје“, на авторката Зоја Богдановска, кустос советник и историчар во Градскиот музеј. Изложбата, преку историски текст, фотографија и музејски експонати, ја раскажува историјата на железниците од нивната појава во светот, развојот на железниците на Балканот и нивното доаѓање во Македонија.
Акцентот е ставен на железниците во Скопје, почнувајќи од 1873 година, сè до денес. Приказната е уникатно пренесена на просторот каде што денес е сместен Музејот на град Скопје. Тука, во минатото се наоѓала првата железничка станица во Скопје изградена во 1873 година, а која била урната во 1937 година, кога на нејзино место била изградена нова железничка станица, која секојдневно пречекувала патници, сè до утрото на 26 јули 1963 година, кога катастрофалниот земјотрес уништил две третини од објектот. Во зачуваното и санирано западно крило на станицата, од 1970 година е сместен Музејот на град Скопје.
Пријатна прошетка за посетителите век и половина наназад
На почеток е претставен амбиент на чекалница каде што преку шест стилизирани вагони со фотографии и куси информации, хронолошки се проследени настаните кои се случувале на железничката станица во Скопје. Чекалницата насловена „Спомени од станицата“ суптилно го пречекува и го води посетителот да ѕирне во вагонските прозорчиња кои раскажуваат по еден спомен.
До чекалницата е поставена трокрилна метална порта која што до 1963 година била поставена на влезот кој водел кон пероните на станицата. Оваа порта Музејот ја добива како донација во 2021 година. Конзервацијата на експонатот е завршена во почетокот на април 2023 година. Во поставката, по повод јубилејот, промотивно посетителите имаат можност да го видат и овој значаен експонат.
Најстар изложен експонат во изложбата е така наречената „солунска керамида“ произведена во Солун во фабриката на браќата Алатини. Таа е само една од керамидите кои биле специјално нарачани и поставени на покривот на првата железничка станица во Скопје во 1873 година.
Секој од експонатите, хронолошки поставен во изложбениот простор, раскажува по една приказна од богатата историја на двете железнички станици во Скопје во минатото. На изложбата е претставена формирана слика на „Фреската за НОБ“ направена според оригинални цртежи и фотографии. На помладите посетители им нуди можност да се запознаат со култното дело на уметникот Борко Лазески од 1956 година, за кое сè уште раскажуваат постарите скопјани, а кое до 1963 година било поставено во холот на Железничката станица.
Авторката на изложбата, на крајот нагласува:
„Дојдете, посетете ја изложбата во остатокот од станицата, која своевремено била позната како најубавата железничка станица на Балканот. Денес, спомените се зачувани во музејските збирки изложени во Музејот кој својот дом го свил помеѓу преживеаното ткиво на станицата. Дојдете, слушнете ги приказните. Седнете во чекалницата и слушајте ги предметите. А вие повозрасните, претворете се во раскажувачи и споделете ги со нас спомените од вашата младост“.
Прв Музеј на железничкиот сообраќај, по повод 150 од првата пруга
Во подножјето на најголемата мостовска конструкција на територијата на Македонија, со должина од 1450 метри, за јавноста ќе биде отворен првиот Музеј на железничката историја на земјава.
„Идејата за создавање и формирање на ваков тип на Музеј дојде од моето долгогодишно работно искуство во железницата и исто така голем придонес даде и мојата професија, но исто така може да се каже дека и единствена држава сме во која нема железнички музеј“, вели Ванчо Милошевски, магистер по Археологија вработен во ЈП Македонски Железници Инфраструктура – Скопје како главен референт за заштита на културно наследство животна и социјална средина.
Шетајќи низ музејската поставка каде изложени се многубројни предмети кои се дел од македонската железничката историја, кои го прикажуваат техничкиот развој на железничкиот сообраќај, вниманието ви го краде секој еден експонат. Со најдолг век се морзеовиот Телеграф од 1885 година и Документот план катастар (надолжен пресек од железничката линија Солун – Митровица од 1888 изработен на паус) и неколку часовници кои се поврзани со почетоците на првите железнички линии во Македонија.
Ако на почетокот од музејската поставка, од двете страни, топло добредојде во сто и педесет годишниот врмеплов ви посакуваат експонати од автентични железнички канцеларии на средината од просторот погледот ви оди кон оригинални, но и макета, примероци од стари пруги и вагонски делови.
Тука ќе сретнете едни од првите телекомуникациски и сигнално сигурносни уреди како и сообраќани средства и часовници кои ќе ве замислат како работеле. Навидум се толку многу комплицирани и сложени за работа споредено со денешните дигитални технологии. Сепак за да го добиете вистинскиот дух на развојот на македонските железници тука се и бројни канцелариски материјали и техничка документација кои во себе со години ја чуваат историјата на тргнување и пристигнување на возовите.
Држејќи во раката билет од пред педесетина години Милошевски со доза на надеж на екипата на Трн и рече:
„Верувам дека ќе биде едно од најпосетуваните места кое ќе го посетуваат граѓани од сите возрасти, бидејки самите предмети, фотографии, уметнички дела и макети даваат посебна привлечност. Влезот ќе биде бесплатен се до формирање на музеј според законите“.
Инаку оваа музејска поставка ќе биде отворена на Меѓународниот ден на музеите – 18 мај.
Фотографии: Стефани Караџовска