150.000 луѓе на улиците на Брисел: запалени контејнери, полицијата употреби солзавец

Белгија денес ја зафати генерален штрајк, кој доведе до масовни протести и судири меѓу демонстрантите и полицијата во Брисел.

Според првичните проценки на синдикатите, околу 150.000 луѓе излегоа на улиците на главниот град во знак на протест против владините мерки за штедење.

„Владата им ги одзема правата на работниците – нè враќа во 1950 година“, изјави за агенцијата Хина Евелин Табус, претставничка на синдикатот CNE, кој ги застапува работниците во дистрибутивните центри и трговски синџири како Aldi и Zeeman. Таа предупреди дека новите мерки ограничуваат исплата на надомест за невработеност на само две години, што синдикатите го оценуваат како „неприфатливо“.

Протестите, кои обединија работници, студенти и поддржувачи на Палестина, се движеа низ центарот на Брисел, во близина на плоштадот Гранд Плас, до зградата Square, каде се одржува Европската недела на регионите и градовите – најголемата годишна конференција за ЕУ фондовите.

Откако полицијата ги блокираше демонстрантите, дел од нив почнаа да фрлаат лимени кутии и други предмети, на што полицијата одговори со солзавец. Поради безбедносни причини, главниот влез на конференцијата беше привремено затворен.

„Дојдов да изразам незадоволство од владата која ги укинува работничките и студентските права“, изјави 22-годишниот студент по архитектура Флориан Дони, кој додаде дека неговиот факултет годинава ќе го чини 400 евра повеќе. Облечен во црна блуза со капуљача и со палестинска марама, тој нагласи дека излегол и во поддршка на Палестина, обвинувајќи ја белгиската влада дека не поддржала санкции против Израел.

Центарот на Брисел денеска беше во целосен метеж – се слушаа сирени, се палеа контејнери, а над градот кружеше полициски хеликоптер. „Фрлаа предмети кон нас, но засега нема повредени“, изјави еден полициски службеник пред зградата каде се одржуваше конференцијата.

Полицијата соопшти дека се приведени неколку десетици лица поради вандализам и нарушување на јавниот ред. Нереди се забележани и во други делови на градот.

Поради штрајкот, аеродромите Зевентем и Шарлеруа се затворени, како и повеќе училишта и јавни установи, а сообраќајот е значително ограничен, бидејќи автобусите, трамваите и метрото сообраќаат по редуциран распоред.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни