15 потврдени жртви од поплавите во БиХ

Поплавите што ја погодија Херцеговина и централниот дел на Босна и Херцеговина предизвикаа сериозна хуманитарна и инфраструктурна криза. Досега се потврдени 14 смртни случаи, а се уште се пријавени исчезнати лица. Најтешко погодена е општината Јабланица, која поради уништените патишта и мостови е целосно отсечена. Според Дарко Јука, раководител на Одделот за односи со јавноста на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, кризата е една од најлошите во последниве децении: „Сè уште не ја знаеме точната бројка на исчезнати. Ова е најголема криза од времето на војната.“

Во Јабланица, урнати патишта и мостови на реката Дрежанка го отежнуваат пристапот до жртвите, додека целото подрачје на Коњиц е исто така отсечено. Локалните власти и спасувачките служби се борат да обезбедат помош, со ангажман на војската, цивилната заштита и волонтери. Спасувањето и евакуацијата на повредените се вршат со чамци, а армијата на БиХ учествува со свои ресурси, вклучувајќи хеликоптерска евакуација на тешко повредени лица.

Дополнителна закана се лошите временски прогнози за наредниот период, со очекувани нови врнежи кои можат да ја влошат ситуацијата. Жителите на погодените подрачја се предупредени да останат во безбедни зони.

Моменталните услови во погодените области, особено во Јабланица, Кисељак, Високо, Фојница и Крешево, покажуваат страшни сцени на уништени домови, поплавени патишта и исчезнати инфраструктурни објекти. Ситуацијата останува критична додека спасувачките екипи и локалните институции продолжуваат со напорите за справување со катастрофата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни