Над 3.300 учесници во седум града се обединија во солидарност, собирајќи речиси 1,5 милиони денари донации на настани организирани во текот на месец мај по повод 9 мај – Денот на Европа. Оваа година, одбележувањето на Денот на Европа беше посветено на поддршка на жртвите и повредените од трагедијата во Кочани преку низа активности што ги организираше Делегацијата на Европската Унија и мрежата Јуроп хаус.
Во знак на поддршка, граѓаните трчаа на хуманитарни трки и учествуваа на аукции со дела на домашни уметници, искажувајќи ја својата хуманост и солидарност како со семејствата на настраданите, така и со целата заедница во градот Кочани.
-ЕУ со голема посветеност ја продолжува и долгорочната психосоцијална поддршка за погодените од оваа несреќа. Во рамките на таа поддршка, во соработка со шведската амбасада, најавена е и посета на делегација од шведскиот град Гетеборг, која ќе ги сподели своите искуства за справување со колективна траума по сличната трагедија што се случи во овој град, во 1998 година.
На 9 мај, во седум града низ државата беа осветлени значајни историски и културни објекти во сина боја, како симбол на единството и солидарноста меѓу европските народи.
Хуманитарните трки како главен настан се одржаа на 25 мај, кога во седум града низ земјата (Скопје, Битола, Велес, Тетово, Струмица, Струга и Крива Паланка) се трчаше за Кочани. Според официјалните податоци, на трките „Сите за Кочани. Трчаме заедно.“ беа пријавени над 3.300 учесници. Иако временските услови не беа благонаклонети, тоа не ги спречи граѓаните да трчаат и по дожд, обединети со цел да му помогнат на Кочани. Учесници на дел од трките беа и претставници од амбасадите на земјите-членки на Европската Унија, под мотото #TeamEurope, кои давајќи личен пример, трчаа заедно со граѓаните низ сите седум града.
Вкупната сума собрана од донациите преку хуманитарните трки и уметничката аукција, изнесува речиси 1,5 милиони денари. Собраните средства се префрлени на сметката на Црвениот крст, која е наменета за поддршка на настраданите од трагедијата во Кочани.