Студентите и граѓаните во Нови Сад денеска ја одбележуваат 15-месеци од трагичниот пад на надстрешницата на Железничката станица, во кој животот го загубија 16 лица. Комеморативната прошетка започна околу 10:30 часот по Булеварот на ослободувањето, а учесниците се собраа претходно на Мостот на слободата, на повик на „Студенти во блокада“ од Новосадскиот универзитет.
Колоната се движи во тишина кон Железничката станица, каде е предвидено да се одржат 17 минути молк – во чест на 16-те жртви од несреќата на 1 ноември 2024 година, како и за неодамна починатиот новосадски бајкер Коста Дубљевиќ.
Ова одбележување се надоврзува на масовните студентски и граѓански протести што се случија во изминатата година. На 1 февруари минатата година, на Денот на градот Нови Сад, студентите организираа блокада на сите три моста преку Дунав под паролата „Доста е молк! 1.2. на три моста“, што прерасна во најмасовниот протест во историјата на градот.
Тогаш, како и на годишнината од трагедијата на 1 ноември, на улиците на Нови Сад излегоа десетици илјади луѓе од цела Србија. Според проценките, на едногодишнината од падот на надстрешницата учествувале околу 200.000 граѓани, што дополнително ја истакна длабочината на јавниот гнев и барањата за одговорност.
Денешната комеморација уште еднаш ја потсетува јавноста дека, и по 15 месеци, болката и прашањата остануваат отворени – а тишината, за многумина, е најсилниот облик на протест.
