Рано утрово специјални полициски сили и екипи на МВР биле распоредени на повеќе локации низ Македонија во рамки на координирана акција против нарко-подземјето. Според објавените информации, акцијата ја спроведуваат Бирото за јавна безбедност и Одделот за организиран криминал, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според моментално достапните детали за рацијата, цел на операцијата е криминална мрежа поврзана со трговија со кокаин, при што се вршат претреси на околу 15 локации и се опфатени повеќе лица. Акцијата се одвива во Скопје, Штип, Струмица и Грчец.
Засега нема официјално соопштение со конечен биланс за бројот на приведени, ниту детали за евентуално запленета дрога. Дел од медиумите повикувајќи се на неофицијални информации јавија дека се апсат нарко-дилери во неколку градови, но институциите сè уште не излегоа со целосна потврда за исходот од акцијата.
Ова е уште една во серијата пошироки акции насочени кон организирани мрежи за трговија со дрога, а повеќе детали се очекуваат откако МВР и обвинителството ќе излезат со официјална информација за резултатите од денешната операција.