15 години без ажурирање: Купуваме ли токсични играчки и козметика за деца?

Листата на забранети супстанци во детските играчки и козметиката во Македонија не е ажурирана 15 години, а земјата нема лаборатории за контрола на опасни хемикалии како фталати и бор.

Македонија веќе 15 години нема ажурирано листа на забранети супстанци во детските играчки и козметичките производи, иако во Европската Унија таа редовно се проширува и обновува. Дополнително загрижува фактот што ниту една лабораторија во земјата нема опрема за испитување на клучни опасни супстанци, како што се фталатите и борот – хемикалии кои се строго забранети во ЕУ.

Ова се дел од најалармантните наоди во извештајот на државните ревизори за работењето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), каде се нотираат сериозни системски пропусти во контролата, инспекцискиот надзор и кадровската екипираност.

Застарена регулатива – реален здравствен ризик

Македонската листа на забранети супстанци содржи 1.600 хемикалии, додека европската, која во меѓувреме е повеќепати ажурирана, денес брои 1.751 забранета супстанца.

„Поради ова постои реален ризик на пазарот да се најдат производи кои во ЕУ се утврдени како штетни по здравјето, а кај нас сè уште се дозволени“, наведуваат ревизорите.

Нема контрола за фталати и бор

Особено загрижува фактот што ниту една постоечка лабораторија во државата не може да ги испитува фталатите и борот, супстанци што често се користат во: детски играчки, гумени и пластични производи, козметика и средства за лична хигиена.

Тоа значи дека на македонскиот пазар може слободно да се продаваат увезени играчки и производи кои содржат опасни хемикалии, без реална можност тие да бидат детектирани.

Што се фталати и зошто се опасни?

Фталатите се индустриски хемикалии кои се користат за омекнување на пластиката и подобрување на мирисот и текстурата на производите. Тие се присутни во мрсни боички, играчки на дување, глина за моделирање, сапуни, шампони, парфеми и детергенти и освежувачи на воздух.

Научните истражувања покажуваат дека одредени фталати се токсични за репродукцијата, можат да ја нарушат плодноста, да предизвикаат оштетувања кај фетусот и да влијаат врз хормоналниот систем.

Епидемиолошките студии ги поврзуваат со дебелина, инсулинска резистентност, астма и нарушувања на вниманието и хиперактивност кај деца.

Ограничени анализи и недоволен кадар

Институтот за јавно здравје врши само основни анализи, како микробиолошка исправност и присуство на неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром). Само неколку од 10-те Центри за јавно здравје се опремени дури и за ваков ограничен обем на контроли.

ДСЗИ, пак, работи со половина од потребниот број инспектори, од кои 58% се постари од 50 години, 42% се над 60 години.

Министерството за финансии со години не дава согласност за нови вработувања.

Сомнежи и во инспекциските постапки

Ревизорите утврдиле дека во над 90% од инспекциските предмети: недостасуваат потписи и печати, нема архивска заверка и нема документација што ги потврдува податоците дадени од субјектите под надзор.

Дополнителен ризик е тоа што дел од фактурите и здравствените сертификати се на странски јазици, што може да доведе до одобрување увоз без целосна проверка на здравствената безбедност.

Во делот на финансиското работење е утврдено нецелосен попис и неточна пресметка и исплата на додаток за работа со висок ризик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни