14 американски држави го тужат Маск за „неовластено“ намалување на трошоци

Американската судијка Тања Чаткан ѝ даде зелено светло на група од 14 сојузни држави да покрене тужба против милијардерот Илон Маск, поради обиди за намалување на федералните трошоци без законска основа.

Со оваа одлука, судијката го отфрли барањето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да се стопира постапката. Сепак, таа ја отфрли тужбата насочена директно против Трамп, објаснувајќи дека судот нема да се меша во неговото извршување на службените претседателски должности.

Според одлуката донесена во федералниот суд во Вашингтон, дозволата за тужба против Маск и Министерството за економија е дадена врз основа на „уверливи тврдења дека намалувањето на трошоците од страна на Маск е неовластено со ниту еден закон“.

Тужбата, која беше поднесена во февруари од страна на главните обвинители на Ново Мексико, Орегон и уште 12 држави, наведува дека Доналд Трамп му дал на Маск „неконтролирани законски овластувања“ без одобрение од Конгресот.

Државите тврдат дека Маск има моќ каква што може да има само владин службеник номиниран од претседателот и потврден од Сенатот, и дека Конгресот никогаш не ја одобрил неговата новоформирана Агенција за владина ефикасност (DOGE).

Откако Трамп повторно ја презеде функцијата во јануари, оваа агенција – со Маск на чело – укина илјадници работни места и бројни федерални програми, со цел, како што е наведено, „да се стави крај на расипништвото“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни