Во периодот од 12 до 21 јули ќе се одржува најголемиот интернационален камп на кој ќе учествуваат повеќе од 1.000 извидници од Македонија и странство, доаѓајќи од повеќе од 15 држави од регионот, Европа и светот.
Се работи за 13-та Македонска извидничка Смотра, организирана од извидниците на локација во Ски-центарот на највисокиот град на Балканот – Крушево.
Според Сојузот на извидници на Македонија, се работи за најмасовен, едукативен, авантуристички, повеќедневен камп за деца и млади. Овој уникатен настан оваа година се организира под мотото „Достигни ги височините”.
Снежана Јанковиќ е извидник и програмски координатор на Боренка. Таа веќе 25 години е во извидници и ова и е петта смотра по ред. Таа на јавноста и е позната и по славното видео со Петар и грашакот, а овој пат беше одличен соговорник за да ја најавиме оваа смотра и можеби со тоа да поттикнеме интерес кај младите и децата.
Трн: Кој може да се пријави?
Снеже: „Смотра е настан којшто се одржува на 5 години и цели да ги собере сите извидници на едно место, на еден камп којшто е поделен во пет поткампови. Сите извидници во поткамповите си прават свои мини заедници, населби бидејќи се околу 1000 извидници а, тоа значи многу шатори. Секако сите што сакаат да се дружат, што ја сакаат природата, сите се добредојдени. Секој може да стане извидник во било кое време и не мора да е извидник за да ни се придружи на смотрата. Повикај пријател е една новина на оваа смотра каде можат да дојдат деца и млади кои не се извидници и да ги поминат овие 10 дена “.
Трн: Зошто Крушево?
Снеже: „На секој пет години се бира нова локација, некаде каде што може да не собере. Годинава го одбравме Крушево заради тоа што нуди големи тревни површини каде што можеме да отвориме шатори. И како културен центар е многу значаен, бидејќи е највисок град на Балканот. Друга работа е што е особено познат по нашата најголема ѕвезда Тоше Проески кај екс ју државите, кои се и најголемите контингенти на смотрата“.
Трн: Најавивте преку 70 работилници на смотрата. Какви содржини ќе има на смотрата и на овие работилници?
Снеже: „Целата смотра ни е поделена на 6 тематски области. Извидниците ќе можат да посетуваат секој ден нова тематска област. Имаме здравје и личен развој каде што ќе има работилници за орално здравје , јога, медитација, сликарство, драма, пантомима, имаме тематска област адреналин и авантура, тоа ни е адреналинскиот парк и активности на езертот како суп, кајаци, рафтинг, чамци, веслање. Имаме активност „Посети го Прилеп“ еден ден каде децата ќе одат на хајк до Маркови кули и ќе ја посетат фабриката за тутун, музејот на тутун,имаме тематска област извидништво каде ќе посетуваат работилници за врзување чворови, видови огништа пионерство, градење објекти од дрво, култура и традиција, тука учесниците ќе учат да прават пита, зелник, потоа ќе играат традиционални танци и ора…“
Трн: Дали треба да исполнуваат некои услови пријавените?
Снеже: „Не, ние на извидници не бараме никави предуслови кои што треба да ги поседуваат пријавените. Од списокот кој е објавен кај нас на страната се е задолжително да се носи, за да не се заборават основни работи, како батериска, кабаница, шише за вода коишто мора да се носат.
Не е ништо страшно,ниту премногу тешко, се се собира во педесетлитарски ранец.
Најважно е да се води сметка за безбедноста на учесниците. Капа, наочри, крема за сончање, правилна хидратација се основни работи на кои внимаваме. Имаме екипа која се грижи за прва помош и заштита.
Во Македонија има 22 одреди, секој одред си има своја контингентска опрема, има шатори, вреќи, соларни тушеви“.
Трн: Каква е дневната агенда?
Снеже: „Имаме агенда, се станува во 7 часот, миење, утринска гимнастика, доручек, подготовка за работилници. Во 10 часот сите одат на работилнци, до 13 часот. Тогаш доаѓаат во главниот камп, базата каде го имаат главниот оброк, ручекот. После тоа се одмораат во сенка и попладен одат на уште една работилница, а во 18 часот е вечерата. Во 20 часот почнува културно забавна програма која се содржи од концерти, изведби на игри.
На 13 јули имаме свечена церемонија на отворање кога сите 1000 учесници ќе бидат облечени во униформи, отворање со Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој е генерален покровител на настанот, со Армијата на РМ. Годинава за прв пат на свеченото отворање ќе се обратат и министерките и министрите Министерството за животна средина, култура, труд и социјала и локална самоуправа. Тогаш се креваат знамиња, се пејат химни и се започнува авантурата Бескрајна приказна.
Тој ден децата немаат активности заради церемонијата. Активностите започнуваат на 14 јули, а на 16 во недела имаме отворен ден и тогаш ќе има повеќе од дваесетина други невладини младински организации кои што ќе можат да се претстават себеси на извидниците. Тука имаат можност да ги пренесат своите активности, да направат презентација и што работат и да ги вклучат во нивни активности децата учесници на смотрата, кога се учат на вредности и слично. Тој ден ќе има презентација на сите држави со свои мини штанд. Вечерта следи свирка со Day Off“.
Дополнително, најавуваат дека секојдневната програма ќе биде збогатена со дебати, трибини и панел дискусии на коишто ќе се дискутираат прашања од важност за младите, а ноќната програма ќе сочинува музички репертоар составен од „Суперхикс“, диџеј Гоце САФ и „Day Off“, културно-уметнички манифестации, талент-шоу и филмски вечери поддржани од „МакеДокс“.